1. За првиот пејач, по Идитум. Асафов псалм. Викам кон Бога, со мојот глас, мојот глас се издига кон Бога, и Тој ме слуша.
2. Во ден на неволја Го барам Господа, ноќе, мојата рака се испружува неуморно, мојата душа не сака да се утеши.
3. Си спомнувам за Бога и воздивнувам; кога размислувам ми го снемува здивот.
4. Ги држиш моите клепки, потресен сум, не можам да зборувам.
5. Размислувам за древните дни и се сеќавам за минатите години;
6. се сеќавам, ноќе, на мојата песна, размислувам во срцето, и мојот дух испитува:
7. „Дали Господ ќе отфрли засекогаш и дали ќе биде, кога и да е, уште милостив?
8. Дали прекрати Неговата милост засекогаш, пропадна ли Неговото ветување за сите поколенија?
9. Заборави ли Бог да биде благодатен, или гневен ја затвори Својата милост?”
10. И говорам: „Ова е мојата болка: се измени десницата на Сèвишниот.”
11. Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса.
12. Ги набљудувам сите Твои дела, го разгледувам она што го направи.
13. О Боже, свет е Твојот пат; кој бог е толку голем како нашиот Бог?
14. Ти си Бог, Кој твориш чудеса, врз народите ја покажа Својата сила.
15. Со мишката го избави Својот народ, Јакововите и Јосифовите синови.
16. Водите Те видоа, Боже, водите Те видоа и се повлекоа, бездните се разбрануваа.
17. Облаците истурија поројни води, облаците зататнија со гром, и Твоите стрели полетаа.
18. Твојот грмеж се заори во виорот, секавиците ја осветлија вселената, земјата се стресе и се разниша.
19. Низ морето Тебе Ти се отвори пат и Твојата патека низ големи води, а Твоите траги никој не ги виде.
20. Ти го водеше Твојот народ, како стадо, со рацете на Мојсеја и на Арона.