1. Псалм. Песна во саботен ден. Добро е да се слави Господ и да се пее на Твоето Име, Сèвишен;
2. да се навестува Твојата љубов наутро и Твојата верност ноќе;
3. на харфа со десет жици и на псалтир, со песна на лира.
4. Зашто Ти ме развесели со Твоите дела, о Господи. Ќе се радувам на делата од Твоите раце.
5. Колку се големи Твоите дела, Господи, и длабоки се Твоите замисли!
6. Безумниот човек не сознава, и неукиот не сфаќа.
7. И ако безбожниците никнуваат како трева, и ако цветаат сите, кои прават зло, одредени се за вечна пропаст;
8. а Ти, Господи, остануваш возвишен довека.
9. Навистина, Твоите непријатели, о Господи, Твоите врагови ќе пропаднат: ќе се распрснат сите, кои прават беззаконие.
10. Ми го воздигна рогот како во бивол, ме помаза со пречисто масло;
11. и моето око гледа од високо на непријателите, и моите уши слушаат за оние, кои стануваат против мене.
12. Праведникот цвета како палма, и расте како ливански кедар.
13. Засадените во Господовиот Дом цветаат во дворовите на нашиот Бог.
14. Тие и во старост донесуваат плодови: сочни и свежи:
15. за да навестат дека Господ е праведен; моја Тврдина - и нема неправда во Него.