1. Псалм; песна при обнова на Домот Давидов. Ќе Те возвишам Господи, зашто ме издигна и не ги остави моите непријатели да се радуваат над мене.
2. Господи, Боже мој, Те повикав и Ти ме исцели;
3. Господи, ја извади мојата душа од Подземјето и ме оживеа на работ на гробот.
4. Пејте Му на Господа, Негови избраници, и восфалете Го Неговото свето име!
5. Зашто Неговиот гнев трае само еден миг, а Неговата добрина - цел живот. Плачот доаѓа навечер, а радоста наутро.
6. И јас реков во својата среќа: „Никогаш нема да се поколебам!”
7. О Господи, со Својата добрина, Ти ме постави на гората на надежта, но штом ќе го скриеш Твоето лице, целиот се уплашувам.
8. Тогаш, Господи, извикав кон Тебе, и Го помолив Господа:
9. „Каква полза од мојата крв, каква корист ако слезам в гроб? Зар правта ќе те слави и ќе ја проповеда Твојата вистина?”
10. Послушај Господи, и смилувај ми се; Господи, биди ми помошник!
11. Го обрна мојот плач во играње, ја симна од мене вреќата и ме препаша со радост.
12. Затоа мојата душа Ти пее и нема да молкне: Господи, Боже мој, Ќе Те фалам довека!