поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Навестување за разурнувањето на храмот во Ерусалим

1. И кога излезе Исус од храмот и си одеше, Му пријдоа учениците Негови за да Му ги покажат градбите на храмот.

2. А Исус им рече: „Не го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ниту камен на камен, а да не биде урнат.“

Неволји и прогонства

3. И кога седеше на Маслиновата Гора, Му пријдоа учениците Негови насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“

4. А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој;

5. зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина.

6. Ќе слушате за војни и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот.

7. Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на места ќе има глад, помор и потреси;

8. а сето тоа е почеток на страдањата.

9. Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.

10. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат;

11. многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина;

12. и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади.

13. А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен.

14. И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“

Гнасниот пустошник

15. „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за која зборува пророкот Даниил – кој чита нека разбере,

16. тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат по планините;

17. кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја;

18. и кој е на нива, нека не се враќа назад за да ги земе алиштата свои!

19. Но тешко на бремените и на доилките во тие дни!

20. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота;

21. зашто тогаш ќе има голема неволја, каква што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе има.

22. И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.

23. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувајте!

24. Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.

25. Ете, однапред ви кажав.

26. И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во скришните одаи е‘ – не верувајте!

27. Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.

28. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“

Враќањето на Синот Човечки

29. „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.

30. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе заплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со сила и голема слава;

31. и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“

Споредба со смоквата

32. „Научете ја параболата од смоквата: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото;

33. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.

34. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето ова не се исполни.

35. Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“

Денот и часот – непознати!

36. „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец;

37. но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;

38. зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,

39. и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки.

40. Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен;

41. две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.

42. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.

43. Знајте го и ова: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата.

44. Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“

Верни и неверни служители

45. „Кој е, пак, тој верен и мудар слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои да им дава навреме храна?

46. Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така;

47. вистина ви велам дека над целиот свој имот ќе го постави него.

48. Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘,

49. па почне да ги тепа другарите свои и да јаде и пие со пијаниците,

50. господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува, и во час што не го знае;

51. и ќе го расече на две, и ќе му даде удел со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“