поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 3 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Јован го повикува народот на покајание

1. Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина

2. и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“

3. Зашто ова е Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Подгответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘“

4. А Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.

5. Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него

6. и се крштеваа од него во Јордан, исповедајќи ги своите гревови.

7. А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Породи змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде?

8. Направете плод достоен за покајание

9. и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.

10. Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.

Крштевање со вода и крштевање со Светиот Дух

11. Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.

12. Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во житницата, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“

Исусовото крштевање

13. Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да се крсти од него.

14. А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“

15. Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш го остави.

16. И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и доаѓа на Него.

17. И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја!“