поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус ги укорува книжниците и фарисеите

1. Тогаш Исус му говореше на народот и на учениците Свои,

2. велејќи: „На Мојсеевиот стол седнаа книжниците и фарисеите.

3. Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат;

4. врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ниту со прст да ги помрднат.

5. И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека;

6. сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,

7. и поздрави по улиците, и да ги викаат луѓето ‚Рави!‘

8. А вие немојте да се нарекувате ‚Рави‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа.

9. И никого на земјата не викајте го свој Татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној, Кој е на небесата;

10. и наставници немојте да се нарекувате, зашто еден е вашиот Наставник – Христос.

11. Но, најголемиот меѓу вас да ви биде слуга;

12. зашто, кој се воздигнува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.“

Осуда на лицемерите

13. „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.

14. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.

15. Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога тоа ќе се случи, тогаш го правите син на пеколот, двојно поголем од вас.

16. Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во златото на храмот, виновен е.‘

17. Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот којшто го осветува златото?

18. Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘

19. Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?

20. А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;

21. и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него;

22. и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.

23. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.

24. Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!

25. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда.

26. Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.

27. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија.

28. Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.“

Објавата на казната за лицемерите

29. „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните,

30. па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘

31. А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците.

32. Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши!

33. Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од осудата за во пеколот?

34. Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите ваши и ќе ги прогонувате од град во град;

35. за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.

36. Вистина, ви велам: сето тоа ќе дојде врз овој род!“

Исусовата љубов кон Ерусалим

37. „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте.

38. Ете, ви се остава пуст вашиот дом.

39. Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!‘“