поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Парабола за работниците во лозјето

1. „Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да изнајми работници за своето лозје.

2. Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое.

3. Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа,

4. им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.

5. Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто.

6. А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘

7. Тие му рекоа: ‚Бидејќи никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје. И што е право ќе добиете‘.

8. А приквечер, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘

9. И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј.

10. А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј;

11. и штом добија, негодуваа против господарот

12. и велеа: ‚Овие последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘

13. А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј?

14. Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе;

15. зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘

16. Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани.“

Исус по третпат ја навестува Својата смрт и воскресение

17. И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:

18. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,

19. и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“

Честољубие и вистинско служење

20. Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто.

21. А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“

22. Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштевањето со кое се крштевам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“

23. И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, не е Мое да дадам, туку кому е подготвено од Мојот Отец.“

24. И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа.

25. Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни господарат над народите, и големците владеат над нив;

26. меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;

27. и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга;

28. како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“

Исцелувањето на двајцата слепи од Ерихон

29. И кога тие излегуваа од Ерихон, по Него врвеше многу народ.

30. И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“

31. А народот ги укоруваше да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“

32. Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“

33. Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“

34. И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.