поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус пред Пилат

1. А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини направија договор против Исус за да Го убијат;

2. и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.

Самоубиството на Јуда

3. Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на прво­свештениците и старешините,

4. велејќи им: „Згрешив, зашто предадов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“

5. Тој ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.

6. Првосвештениците ги собраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се стават во касата на храмот, бидејќи се цена за крв.“

7. Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за погребување на странци.

8. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.

9. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,

10. и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“

Пилат Го сослушува Исус

11. И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“

12. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Тој ништо не одговараше.

13. Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“

14. И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

15. А на секој Празник управникот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого тие сакаа.

16. Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

17. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“

18. Зашто знаеше дека Го беа предале од завист.

19. А во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, зашто денеска многу пострадав на сон заради Него.“

20. Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

21. Тогаш управникот одговарајќи им рече: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“

22. Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“

23. Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“

24. Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!“

25. И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“

26. Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.

Исусовите понижувања

27. Потоа војниците на управникот Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,

28. па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;

29. исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и поклонувајќи се на колена пред Него, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудеј­ски!“

30. И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.

31. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

Исусовото распнување

32. На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.

33. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница,

34. Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие.

35. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка;

36. па седеа таму и Го чуваа;

37. и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“

38. Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.

39. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа

40. и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“

41. Исто така и првосвештениците, книжниците, старешините и фарисе­ите, потсмевајќи се говореа:

42. „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Тој Цар Израилев, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.

43. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“

44. Така и разбојниците, распнати со Него, Го исмејуваа.

Исусовата смрт

45. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;

46. а околу деветтиот час извика Исус со силен глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“

47. А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“

48. И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.

49. Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси!“

50. А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот.

51. И ете, се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи се распаднаа;

52. и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;

53. па кога излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина.

54. А стотникот и оние што со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“

55. Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, коишто врвеа по Исус од Галилеја и Му служеа.

56. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.

Исусовиот погреб

57. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус;

58. тој отиде кај Пилат и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото.

59. А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно,

60. и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во камен; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.

61. А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.

Стражата на Исусовиот гроб

62. Утредента, пак, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат,

63. и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘

64. Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“

65. Пилат им рече: „Имате стража; одете и чувајте го како што знаете.“

66. Тие отидоа и со стража го чуваа гробот, а каменот го запечатија.