поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус исцелува лепрозен

1. А кога слезе од гората, по Него врвеше многу народ.

2. И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

3. А Исус кога ја испружи раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата.

4. И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“

Верата на еден стотник

5. А кога влезе Исус во Капернаум, му пристапи еден стотник и Го молеше говорејќи:

6. „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“

7. Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“

8. А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;

9. зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата мој: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“

10. Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ниту во Израил не најдов толкава вера.

11. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно,

12. а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“

13. И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во тој час оздраве.

Исус исцелува мнозина

14. Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,

15. и се допре до раката нејзина, и треската ѝ помина; таа стана и им служеше.

16. А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина бесомачни, и Тој со збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,

17. за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“

Колебливи следбеници

18. Кога виде Исус околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.

19. И откако пристапи до Исус еден книжник, му рече: „Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“

20. А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“

21. Друг, пак, од учениците Негови Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“

22. Но Исус му рече: „Врви по мене и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“

Исус смирува бура

23. И кога Тој влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.

24. И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше.

25. Тогаш учениците пријдоа до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“

26. А Тој им рече: „Зошто сте плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

27. А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“

Исус ослободува од демони

28. И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесомачни, кои излегуваа од гробовите; беа толку лоши што никој не можеше да мине по тој пат.

29. И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“

30. А далеку од нив пасеше големо крдо свињи.

31. И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да вле­зе­ме во крдоно свињи!“

32. И Тој им рече: „Отидете!“ И тие откако излегоа, отидоа во свињите. И одеднаш целото крдо свињи јурна низ стрмнината во морето и се издавија во водата.

33. А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за бесомачните.

34. И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и кога Го видоа, Го замолија да си замине од нивниот крај.