поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Христовото преображение

1. А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами;

2. и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Негови станаа бели како светлина.

3. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.

4. Тогаш Петар Му одговори на Исус и рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“

5. Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“

6. И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија.

7. Но Исус, откако им пријде, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“

8. А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус.

9. А кога слегуваа од гората, Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“

За Илија

10. И учениците Негови Го запрашаа, говорејќи: „Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“

11. Исус им одговори и рече: „Илија ќе дојде претходно и ќе уреди сѐ;

12. но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“

13. Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител.

Исус ослободува од демони

14. Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена

15. и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто е месечар и многу се мачи; често паѓа во оган и често – во вода;

16. го доведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“

17. А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“

18. И му нареди Исус и демонот излезе од него; и момчето оздраве во тој час.

19. Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“

20. А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.

21. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.“

Исус повторно ја најавува Својата смрт и воскресение

22. А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,

23. и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија.

За храмовниот данок

24. А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“

25. Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“

26. Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени;

27. но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба што ќе ја уловиш, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“