поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Парабола за свадбата на царевиот син

1. И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече:

2. „Царството небесно прилега на еден цар, кој направи свадба за својот син.

3. И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат.

4. Повторно испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‚Ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадбата!‘

5. Но тие го пренебрегнаа тоа и си отидоа: едни на нива, други по трговијата своја;

6. а останатите, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмејаа и ги убија.

7. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го запали нивниот град.

8. Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни.

9. Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!‘

10. И излегоа слугите по патиштата, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости.

11. Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбена облека.

12. Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена облека?‘ А тој молчеше.

13. Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘

14. зашто, мнозина се повикани, а малкумина избрани.“

Прашања за данокот

15. Тогаш фарисеите отидоа и се советуваа како да Го фатат во некој збор.

16. И ги испраќаа кај Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој;

17. затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на царот или не?“

18. Но Исус го проѕре лукавството нивно и рече: „Што Ме искушувате, лицемери?

19. Покажете Ми ја даночната пара.“ Тие Му донесоа еден денариј.

20. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“

21. Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“

22. И штом го чуја тоа, тие се восхитија и откако го оставија, си отидоа.

Прашања за воскресението

23. Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа,

24. говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘

25. Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си;

26. исто така направи и вториот, и третиот, сѐ до седмиот;

27. а по сите нив умре и жената.

28. При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“

29. Исус им одговори и рече: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја;

30. зашто при воскресението луѓето ниту се женат, ниту се мажат, туку се како ангели Божји на небото.

31. А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, велејќи:

32. ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“

33. И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука.

Најважната заповед

34. Кога фарисеите слушнаа дека ги замолчи садукеите, се собраа заедно.

35. И еден од нив, законик, искушувајќи Го, запраша и рече:

36. „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“

37. А Исус му одговори: „ ‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘

38. тоа е прва и најголема заповед;

39. а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘

40. На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“

За Давидовиот син

41. И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша

42. и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“

43. Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи:

44. ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘

45. И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“

46. И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша.