поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 4 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исусовите искушувања

1. Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот.

2. И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.

3. А кога пристапи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.“

4. А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“

5. Тогаш ѓаволот Го одведе во светиот град и Го постави на стреата од храмот

6. и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не си ја сопнеш ногата од камен.‘“

7. А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог.‘“

8. Повторно ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава

9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“

10. Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“

11. Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа.

Исусовата служба во Галилеја

12. А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја.

13. И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови,

14. за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:

15. „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја.

16. Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот и во смртна сенка, им изгреа светлина.“

17. Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“

Исус ги повикува првите ученици

18. И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари.

19. И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“

20. И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

21. И откако отиде оттаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и нив ги повика.

22. И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.

Исус поучува и лекува

23. И одеше Исус по цела Галилеја поучувајќи по синагогите нивни, проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот.

24. Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведоа кај Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, опседнати од демони, месечари, фатени, а Тој ги излекува.

25. И по Него одеше многу народ од Галилеја, Десеттоградието, Ерусалим, Јудеја и отаде Јордан.