поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

За милостината

1. „Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец, Кој е на небесата.

2. И така, кога даваш милостина не разгласувај пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда.

3. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната,

4. за да биде твојата милостина во тајност; и тогаш, твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“

За молитвата

5. „И кога се молиш, не биди како лицемерите, кои сакаат по синагогите и крстопатите да стојат и да се молат за да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата награда.

6. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

7. Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени;

8. вие, пак, не бидете како нив, зашто вашиот Отец знае од што имате потреба уште пред да Го помолите.“

„Оче наш“

9. „Туку вие молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

10. да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;

11. лебот наш насушен дај ни го денес;

12. и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници;

13. и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!

14. Бидејќи, ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен.

15. Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки.“

За постот

16. „Кога постите, не бидете натажени како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда.

17. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,

18. па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“

За богатството на небото

19. „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;

20. но собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат.

21. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.“

Светлина за телото

22. „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло;

23. ако, пак, твоето око биде лошо, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш колкава ли ќе е темнината?“

Или Бог или богатство

24. „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.

За грижите

25. Затоа ви велам: немојте да се грижите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеката?

26. Погледнете ги птиците небески: тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?

27. А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт?

28. Зошто се грижите и за облеката? Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат;

29. но ви велам дека ниту Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив.

30. Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во печка се фрла, Бог така ја облекува, а колку ли повеќе вас, маловерни!?

31. Па затоа, не грижете се и не говорете: ‚што да јадеме, или што да пиеме‘, или ‚во што да се облечеме?‘

32. Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека од сето ова имате потреба.

33. Но, барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде.

34. И затоа, не грижите се за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доволно му е неговото зло.“