поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Матеј 14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Смртта на Јован Крстител

1. Во тоа време гласот за Исус го слушна и четворовласникот Ирод,

2. кој им рече на своите потчинети: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал од мртвите, па затоа и стануваат чуда преку него!“

3. Зашто Ирод, откако го фати Јован, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брат му Филип;

4. бидејќи Јован му велеше: „Не ти е допуштено да ја имаш неа!“

5. И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто го сметаа за пророк.

6. А кога му беше роденден на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите и му угоди на Ирод;

7. затоа тој ѝ се заколна дека ќе ѝ даде што и да побара.

8. И таа, поучена од мајка си, рече: „Дај ми ја овде на чинија главата на Јован Крстител!“

9. И се натажи царот; но, заради заклетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат.

10. Па прати, та ја отсекоа главата на Јован во затворот.

11. И ја донесоа главата негова на чинија и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си.

12. Учениците, пак, негови, дојдоа, го земаа неговото тело и го погребаа; и го известија Исуса.

Исус нахранува над пет илјади луѓе

13. Штом го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб во пусто место, насамо; а народот, штом слушна за тоа, тргна по Него пеш од градовите.

14. И кога излезе Исус, виде многу народ; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни.

15. А на стемнување Му пријдоа учениците Негови и рекоа: „Местово е пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.“

16. Но, Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“

17. А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет леба и две риби.“

18. Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“

19. И откако му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот.

20. И јадеа сите и се наситија; и собраа дванаесет кошеви полни со останати парчиња.

21. А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, покрај жените и децата.

Исус оди по површината на водата

22. И веднаш ги присили Исус учениците Свои да влезат во коработ и да минат на другата страна пред Него, додека Тој да го распушти народот.

23. Па штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам.

24. А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот дуваше спротивно.

25. Но на четвртата стража преку ноќта, дојде Исус кај нив, одејќи по морето.

26. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и од страв извикаа.

27. Но, Исус веднаш им прозборе, велејќи: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“

28. А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!“

29. И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да дојде кај Исуса;

30. но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: „Господи, спаси ме!“

31. Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“

32. И кога влегоа во коработ, ветрот престана.

33. А оние што беа во коработ Му пристапија, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Син Божји!“

Исус исцелува во генисаретскиот крај

34. Па откако преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска.

35. Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа кај Него сите болни.

36. И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, се излекуваа.