поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 3 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Проповедањето на Јован Крстител

1. Во петнаесеттата година од владеењето на царот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод четворовласник над Галилеја, и Филип, брат му, четворовласник на покраината Итуреја и Трахонитида, и Лисаниј четворовласник на Авилинија,

2. во времето на првосвештениците Ана и Кајафа, дојде Божјата реч до Јован, синот на Захарија, во пустината.

3. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштевање за проштевање на гревовите,

4. како што е напишано во книгата на зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној што вика во пустината: ‚Подгответе го Господовиот пат и исправете ги патеките Негови;

5. секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат,

6. и секое тело ќе го види спасението Божјо!‘“

Најавување на Судниот ден

7. А на луѓето што доаѓаа кај него да ги крсти, им велеше: „Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде?

8. Но, направете плод достоен за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ‚Наш татко е Авраам!‘ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраам.

9. Зашто веќе и секирата стои до коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.“

Плодовите на покајанието

10. И го прашаа луѓето, велејќи: „Тогаш што треба да правиме?“

11. А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека ги подели со оној што нема ниту една; а кој има храна, нека го направи истото.“

12. Дојдоа и цариници да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да направиме?“

13. А тој им рече: „Не барајте повеќе отколку што ви е одредено.“

14. Го прашаа и некои војници, говорејќи: „А што да правиме ние?“ И им рече: „Врз никого не извршувајте насилство, никого не клеветете и бидете задоволни со вашите плати.“

Најавување на Месијата

15. А бидејќи народот беше во исчекување, па сите помислуваа во срцата свои за Јован, да не е тој Христос,

16. Јован им одговараше на сите, велејќи: „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ниту ремчињата на обувките Негови: Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.

17. Нему му е лопатата во раката Негова и Тој ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“

18. И опоменувајќи со уште многу други нешта, му ја објавуваше на народот радосната вест.

Јован в затвор

19. А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите злодела што ги беше направил Ирод,

20. кон сето тоа додаде и уште едно: го затвори Јован во темница.

Исусовото крштевање

21. А кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус, и додека се молеше, се отвори небото,

22. и Светиот Дух слезе на Него во телесен облик, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој велеше: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја.“

Исусовото родословие

23. Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев,

24. Мататов, Левиев, Мелхиев, Јанаев, Јосифов,

25. Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нагеев,

26. Маатов, Мататиев, Семеиев, Јосифов, Јудин,

27. Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилов, Нириев,

28. Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров,

29. Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиев,

30. Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоананов, Елијакимов,

31. Мелеаев, Маинанов, Мататаев, Натанов, Давидов,

32. Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов,

33. Аминадавов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин,

34. Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров,

35. Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин,

36. Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов,

37. Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов,

38. Еносов, Ситов, Адамов, Божји.