поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус пред Пилат

1. И сето мноштво се крена, па Го поведоа кај Пилат,

2. и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: „Го најдовме Овој како го одвраќа народот наш и забранува да се дава данок на царот, и вели дека е Тој Христос Цар.“

3. Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и му рече: „Ти велиш.“

4. Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.“

5. Но тие и понатаму велеа дека Тој го побунува народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до овде.

Исус пред Ирод

6. А Пилат, штом чу за Галилеја, запраша: „Зар е Овој Човек Галилеец?“

7. И кога разбра дека е Тој од областа Иродова, Го испрати кај Ирод, кој во тоа време, исто така, беше во Ерусалим.

8. Ирод, кога Го виде Исус, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него,

9. и Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не му одговори.

10. А првосвештениците и книжниците стоеја и жестоко Го обвинуваа.

11. Ирод, пак, со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак кај Пилат.

12. Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто порано беа скарани меѓу себе.

Исус осуден на смрт

13. Пилат ги повика првосвештениците, началниците и народот,

14. па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате;

15. А ниту Ирод, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт;

16. па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“

17. А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.

18. Но сите тие заедно повикаа, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“

19. Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство.

20. Пилат одново повика, сакајќи да Го пушти Исус.

21. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!“

22. Тој и по третпат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“

23. Но тие настојуваа со голем вик и бараа Тој да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.

24. И Пилат одлучи да го исполни нивното барање,

25. па им го пушти затвореникот кој беше во темница заради бунт и убиство, оној за кого бараа; и Исус им го предаде на нивната волја.

Исусовото распнување

26. И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го носи по Исуса.

27. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.

28. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца;

29. зашто, ете, се приближуваат деновите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘

30. Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ридиштата, ‚покријте нѐ!‘

31. Зашто, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“

32. Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него.

33. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево.

34. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка.

35. А народот стоеше и гледаше; а и старешините се потсмеваа со Него велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“

36. Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет,

37. и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“

38. А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Царот Јудејски.“

39. Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!“

40. А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден?

41. Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил.“

42. И Му рече на Исус: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“

43. А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Исусовата смрт

44. А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час;

45. и сонцето се помрачи, и завесата од храмот се расцепи преку средината.

46. А Исус извика со силен глас и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“ И штом го рече тоа, издивна.

47. Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: „Навистина Овој Човек бил праведник!“

48. И сиот народ што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше удирајќи се в гради.

49. А сите Негови познати, и жените, што врвеа по Него од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа.

Исусовиот погреб

50. А ете, еден човек по име Јосиф, член на советот, добар и праведен човек,

51. кој не се согласи со одлуката нивна и делото нивно. Беше од јудејскиот град Ариматеја. А и самиот го очекуваше царството Божјо.

52. Тој отиде кај Пилат и го побара телото Исусово;

53. па Го симна и обви во платно, Го положи во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен.

54. Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше.

55. По него врвеа и жените, што беа дошле со Исус од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово.

56. А потоа се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одмараа според заповедта.