поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

За соблазната

1. И им рече Исус на учениците Свои: „Доаѓањето на соблазните е неизбежно, но тешко на оној преку кого доаѓаат;

2. за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие помали.

3. Внимавајте на себе. Ако згреши против тебе братот твој, укори го, и ако се покае – прости му.

4. И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‚Се каам‘ – прости му.“

Моќта на верата

5. И Му рекоа апостолите на Господа: „Засили ни ја верата!“

6. А Господ им рече: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на онаа црница: ‚Откорни се и пресади се в море!‘ – таа би ве послушала.

Должноста на слугата

7. Кој од вас, кога ќе се врати од поле неговиот слуга, кој орал или чувал овци, веднаш ќе му рече: ‚Дојди бргу и седни на трпеза!‘

8. Нема ли да му каже: ‚Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ме додека јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘

9. Зар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не.

10. Па така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.‘“

Исус исцелува десетмина лепрозни

11. А кога одеше за Ерусалим, Тој поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.

12. Кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни луѓе и застанаа подалеку,

13. па со силен глас повикаа: „Исусе Учителе, смилувај ни се!“

14. Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ И тие, уште додека одеа, се очистија.

15. А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно;

16. и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.

17. Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се очистија десетмина? Каде се другите девет?

18. Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?“

19. И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!“

За доаѓањето на царството Божјо

20. Запрашан од фарисеите кога ќе дојде царството Божјо, Тој им одговори: „Царството Божјо не доаѓа забележливо,

21. ниту, пак, ќе се каже: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.“

22. И им рече на учениците: „Ќе дојдат дни, кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите:

23. и ќе ви речат: ‚Еве Го, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. – Но, не одете и не барајте!

24. Зашто, како што молњата, кога ќе светне на небото осветлува сѐ што е под небото, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.

25. Но, најнапред Тој треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.

26. Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:

27. јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите.

28. Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;

29. но во денот, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги погуби сите;

30. така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки.

31. Во тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; а така и оној кој е в поле, да не се враќа назад.

32. Сетете се на Лотовата жена.

33. Кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој ќе го загуби, ќе го запази.

34. Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават;

35. две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават.“

36. „Двајца ќе бидат на нива: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.“

37. И, кога одговорија, Му рекоа: „Каде, Господи?“ А Тој им рече: „Каде што е лешот, таму ќе се соберат и орлите.“