поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Заговорот против Исус

1. Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха;

2. а првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот.

3. И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариотски, кој беше вброен меѓу Двана­есетмината.

4. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде.

5. Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат сребреници.

6. Тој вети и бараше погодно време, да им Го предаде без присуство на народот.

Приготвување на Пасхалната Вечера

7. Дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне;

8. па ги испрати Исус Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ни пасха, за да јадеме!“

9. А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“

10. Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек што носи стомна со вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе,

11. и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘

12. И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.“

13. Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата.

Последната вечера

14. А кога дојде времето, Тој седна на трпезата и дванаесетмината со него.

15. И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа Пасха со вас, пред да пострадам;

16. зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, сѐ додека таа не се исполни во царството Божјо.“

17. И откако ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу себе,

18. зашто, ви велам, нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.“

19. Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“

20. Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас.

Најавување на предавството

21. Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава.

22. Синот Човечки, пак, заминува, според она што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.“

23. И почнаа да се прашуваат меѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?

Кој е поголем

24. А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем.

25. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.

26. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга.

27. Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.

28. Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите искушенија,

29. и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство,

30. за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.“

Претскажување на Петровото откажување

31. И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица;

32. но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“

33. А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“

34. Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, нема денес да запее петелот, додека ти трипати не одречеш дека Ме познаваш.“

Ќесе, торба и меч

35. Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“

36. И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож;

37. зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“

38. А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“

Молитва на Маслиновата Гора

39. И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови.

40. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение!“

41. И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се дофрли, па откако ги преклони колената и се молеше,

42. велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“

43. И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.

44. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.

45. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.

46. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во искушение!“

Јудиното предавство

47. И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од Дванаесетмината, наречен Јуда, одеше пред нив; и Му пријде на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“

48. А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“

49. Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“

50. И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.

51. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото негово и го исцели.

52. А на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со мечеви и стапови за да Ме фатите?

53. Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на темнината.“

Петровото откажување

54. И кога Го фатија, Го поведоа и воведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.

55. Кога запалија оган насреде дворот и седнаа заедно, седна и Петар меѓу нив.

56. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“

57. Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“

58. Малку потоа го виде еден друг и рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“

59. А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“

60. Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел.

61. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петар, а Петар се сети на Господовите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“

62. И штом излезе надвор, заплака горко.

Првите измачувања

63. А луѓето, што го држеа Исус, Му се потсмеваа и Го тепаа.

64. Па, откако Го покрија, Го удираа по лицето, и го прашуваа, велејќи: „Проречи кој Те удри?“

65. И многу други хули рекоа против Него.

Исус пред Синедрионот

66. А кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го одведоа во својот Синедрион,

67. и рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!“ Но Тој им одговори: „И ако ви кажам, навистина нема да поверувате.

68. А ако ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите.

69. Отсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.“

70. И сите рекоа: „Ти ли си, значи, Синот Божји?“ А Тој им рече: „Вие велите дека сум Јас.“

71. А тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.“