поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус и саботата

1. Во втората сабота по Пасха се случи да мине низ посевите, учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа.

2. А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа што не е допуштено да се прави во сабота?“

3. Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога огладне, тој и оние што беа со него?

4. Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите на предложението, што не е допуштено да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние што беа со него!“

5. И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.“

Човекот со исушена рака

6. Се случи и другата сабота да влезе во синагогата и да поучува; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена.

7. Книжниците и фарисеите внимаваа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да најдат причина да Го обвинат.

8. Но Тој ги знаеше нивните помисли и му рече на човекот со исушената рака: „Подигни се и застани насреде!“ И тој се подигна и застана.

9. Тогаш им рече Исус: „Ќе ве запрашам: што е дозволено во сабота – да се прави добро или да се прави зло? Да се спаси една душа или да се погуби?“ А тие молчеа.

10. Па, откако ги изгледа сите, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој направи така; и раката му стана здрава како другата.

11. А тие се исполнија со гнев и се советуваа меѓу себе што да Му направат на Исус.

Исус одбира дванаесет апостоли

12. Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога.

13. А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече апостоли:

14. Симон, кому што му даде име Петар, и брат му Андреј, Јаков и Јован, Филип и Вартоломеј,

15. Матеј и Тома, Јаков Алфеев и Симон, наречен Зилот.

16. Јуда Јаковов и Јуда Искариотски, кој стана предавник.

Исус и народот

17. Па откако слезе заедно со нив, Тој се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим и од приморјето Тирско и Сидонско.

18. Тие беа дојдени да Го слушаат и да се исцелат од болестите свои, а и оние што страдаа од нечисти духови беа излечени.

19. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.

За блажените

20. А Тој, откако ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Блажени се бедните по дух, зашто ваше е царството Божјо!

21. Блажени сте вие, што сега гладувате, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се смеете!

22. Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви нанесат срам, и ќе го разгласат името ваше како лошо, заради Синот Човечки!

23. Зарадувајте се во оној ден и заиграјте, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нивните татковци така постапуваа со пророците!

24. Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!

25. Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!

26. Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нивните татковци така им правеа на лажните пророци!

Љубов кон непријателите

27. Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;

28. благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат!

29. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата.

30. Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!

31. Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!

32. И ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците ги љубат оние што нив ги љубат.

33. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците го прават истото.

34. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото.

35. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.

Милосрдност кон ближниот

36. И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“

37. „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено;

38. давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат во пазувите ваши; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“

39. И им кажа парабола: „Може ли слеп да води слеп? Зарем нема и обајцата да паднат во јама?

40. Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.

41. И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?

42. Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат.“

Вистинскиот ученик

43. „Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод.

44. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина.

45. Добриот човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошата ризница на своето срце изнесува лошо, зашто него­ва­та уста го зборува она со што му е исполнето срцето.“

Две куќи

46. „И зошто Ме довикувате: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам?

47. Ќе ви кажам на кого прилега секој што доаѓа кај Мене, ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува.

48. Тој прилега на човек кој градел куќа, па копал длабоко, и поставил темели на камен; а кога настана поплава, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, зашто беше основана на камен.

49. А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш падна, и разурнувањето на таа куќа беше големо.“