поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус и грешниците

1. Се приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат.

2. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“

Парабола за загубената овца

3. Но Тој им ја кажа оваа парабола и рече:

4. „Кој од вас, ако има сто овци, и ако загуби само една од нив, нема да ги остави деведесет и деветте во пустината и нема да оди да ја бара загубената, сѐ додека не ја најде?

5. А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен;

6. и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!‘

7. Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од покајание.

Парабола за загубената драхма

8. Или која жена, ако има десет драхми, и ако загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, и да бара внимателно, сѐ додека не ја најде?

9. А штом ќе ја најде, ќе повика пријатели и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘

10. Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.“

Парабола за загубениот син

11. И рече: „Еден човек имаше два сина.

12. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот.

13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно.

14. И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;

15. па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи.

16. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.

17. А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, тука умирам од глад.

18. Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе,

19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници.“‘

20. Па стана и отиде кај татка си. И кога беше уште далеку, го виде неговиот татко и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.

21. И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘

22. А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава облека и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;

23. па доведете едно згоено теле и заколете го; да јадеме и да се веселиме,

24. зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде.‘ И почнаа да се веселат.

25. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, слушна песни и игри.

26. И тогаш повика еден од слугите и го праша: ‚Што е ова?‘

27. А тој му рече: ‚Брат ти си дојде и татко ти закла згоено теле, затоа што повторно здрав го доби.‘

28. Тој се налути и не сакаше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.

29. А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, ти служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ниту едно јаре за да се провеселам со моите пријатели;

30. а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла згоено теле.‘

31. А тој му рече: ‚Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое;

32. но требаше да се зарадуваме и развеселиме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.‘“