поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Повик за покајување

1. Во истото време беа присутни и некои, кои Го известија за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви.

2. Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа?

3. Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете!

4. Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни од сите други што живеат во Ерусалим?

5. Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“

Парабола за неплодната смоква

6. И ја кажа оваа парабола: „Некој човек имаше во своето лозје посадена една смоква, па дојде да бара од неа род, но не најде.

7. Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата.‘

8. А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре;

9. па, можеби ќе даде род; а ако не даде, тогаш отпосле ќе ја пресечеш.‘“

Исцелувањето на згрчената жена

10. Во една од синагогите Тој поучуваше во сабота.

11. И ете, беше таму една жена која имаше дух на немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи;

12. штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од немоќта своја.“

13. И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.

14. А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во саботен ден, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во сабота!“

15. Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во саботен ден и не го води ли да го напои?

16. А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“

17. И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него.

Парабола за синаповото зрно

18. А Тој рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?

19. Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески се вгнездуваат на неговите гранки.“

Споредба со квасецот

20. И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо?

21. Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.“

Тесната врата

22. И по патот за Ерусалим минеше низ градови и села и поучуваше.

23. Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече:

24. „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.

25. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве познавам од каде сте!‘

26. Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘

27. А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘

28. Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.

29. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.

30. И така, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни.“

Исус и Ерусалим

31. Во тој ден пристапија некои фарисеи и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, зашто Ирод сака да Те убие!“

32. И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам демони и исцелувам денес и утре – а на третиот ден ќе завршам;

33. но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не може пророк да загине надвор од Ерусалим.

34. Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш пратените кај тебе. Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте.

35. И ете, ви се остава пуст вашиот дом. И Јас ви велам дека нема да Ме видите сѐ додека не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!‘“