поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 4 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исусовото искушување

1. Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината.

2. Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот. Во текот на тие денови не јадеше ништо, а кога изминаа тие, најпосле огладне.

3. Тогаш Му рече ѓаволот: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.“

4. А Исус му одговори и рече: „Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји.“

5. Потоа ѓаволот Го одведе на една висока планина и му ги покажа за миг сите царства во светот.

6. И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.

7. Ако Ти ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.“

8. Но Исус му одговори и рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто напишано е: ‚На Господа, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘“

9. И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!

10. Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те зачуваат;

11. и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш ногата Своја на камен.‘“

12. И Исус му одговори и рече: „Кажано е: ‚Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“

13. Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време.

Исус го започнува Своето дејствување во Галилеја

14. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.

15. А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите Го прославуваа.

Исус е отфрлен во Назарет

16. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, и стана да чита.

17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:

18. „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;

19. да ја проповедам благопријатната година Господова!“

20. Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.

21. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте.“

22. И сите Му посведочија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“

23. А Тој им рече: „Некој од вас сигурно ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“

24. Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во својата татковина.

25. Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израил, во времето на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;

26. и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска;

27. и имаше мнозина лепрозни во Израил во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.“

28. А кога го слушнаа тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;

29. па станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.

30. Но Тој помина меѓу нив и си отиде.

Исус во Капернаум. Силата на Неговиот збор

31. И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови.

32. И се чудеа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно.

33. Во синагогата имаше еден човек обземен од дух на нечист демон, и тој извика со силен глас:

34. „Еј, што сакаш од нас Ти, Исусе од Назарет? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си. Ти си Светец Божји.“

35. А Исус му заповеда, говорејќи: „Молкни и излези од него!“ Па откако го кутна насреде, духот зол излезе од него и ништо лошо не му направи.

36. Сите ги обзеде страв, па си зборуваа меѓу себе: „Каков ли е тој збор! Зашто со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат!“

37. Па се разнесе глас за Него по сите околни места.

Исус оздравува многумина болни

38. Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а тештата на Симон имаше силна треска, и Го помолија за неа.

39. И како застана над неа, Тој ја прекори треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше.

40. И на зајдисонце, сите што имаа болни од разни болести ги доведуваа кај Него; а Тој, положувајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.

41. Од мнозина излегуваа демони со викање, и велеа: „Ти си Христос, Син Божји.“ А Тој забрануваше и не им дозволуваше да кажуваат дека знаат дека е Тој Христос.

Исус проповеда во Јудеја

42. Кога се раздени, Тој излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа кај Него, Го задржуваа да не си оди од нив.

43. А Тој им рече: „И на другите градови треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, зашто за тоа сум пратен.“

44. И проповедаше по синагогите галилејски.