поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Жените – Исусови следбенички

1. Потоа Тој одеше по градовите и селата, проповедајќи и благовестувајќи го царството Божјо; а со Него беа Дванаесетмината,

2. и некои жени што беа излекувани од демони и болести: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум демони;

3. и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои им служеа со своите имоти.

Парабола за сејачот

4. А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола:

5. „Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;

6. а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага;

7. едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;

8. а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

Зошто служат параболите

9. А учениците Негови Го прашаа, велејќи: „Што значи оваа парабола?“

10. Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува со параболи, да гледаат, а да не видат, и да слушаат, а да не разберат!

Исус ја објаснува параболата за сејачот

11. А оваа парабола значи: семето е словото Божјо.

12. Она што падна покрај патот, тоа се оние кои слушаат, но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат;

13. а она на камен – тоа се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, а во време на искушенијата, тие отпаѓаат;

14. тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но откако ќе заминат, се гушат од грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод;

15. а тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение.“ Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

Парабола за светлината

16. „Никој не ја поклопува со сад свеќата што ја запалил, ниту ја става под легло, туку ја става на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат.

17. Зашто нема тајно што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено што не ќе се разбере и не ќе излезе на виделина.

18. Па затоа: пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има.“

Вистинското семејство на Исус

19. Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да пријдат до Него поради народот.

20. И Му јавија, велејќи: „Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.“

21. А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“

Смирување на бурата

22. Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа.

23. Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави бурен ветар, водата навлегуваше и тие беа во опасност.

24. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и на водните бранови; и тие се смирија и настана тишина.

25. И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“

Исцелувањето на човекот измачуван од демони

26. И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.

27. А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку во гробовите.

28. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“

29. А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места.

30. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него.

31. И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната.

32. А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи; па Го молеа да им допушти да влезат во нив. И им допушти.

33. И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото јурна низ стрмнината во езерото и се удави.

34. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и селата.

35. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија.

36. А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачниот.

37. Сиот народ од Гадаринскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто ги беше опфатил голем страв. И Тој влезе во коработ и се врати.

38. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи:

39. „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.

Чудата со болната жена и со ќерката на Јаир

40. А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа.

41. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да влезе во домот негов,

42. зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.

43. И една жена, која боледуваше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,

44. пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.

45. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“

46. Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“

47. Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела.

48. А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир!“

49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај старешината на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“

50. Но Исус, штом го слушна тоа, му одговори и рече: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!“

51. А кога пристигна во куќата, никому не му дозволи да влезе, освен на Петар, Јован и Јаков, и на таткото и мајката на девојката.

52. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Тој им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.“

53. И Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена.

54. А Тој откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!“

55. И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и тој заповеда да ѝ дадат да јаде.

56. И се зачудија родителите нејзини. А Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што стана.