поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Јавно исповедање на Синот Човечки

1. Меѓутоа, кога се насобраа илјадници луѓе – така што се газеа еден со друг, Тој почна да им зборува најнапред на Своите ученици: „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие.

2. Нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту пак тајно што не ќе се дознае.

3. Затоа, што сте рекле во темнина, ќе се слушне на виделина; и што сте шепотеле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите.

4. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не плашете се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат.

5. Ќе ви покажам од кого да се плашите: плашете се од Оној Кој, откако убие, има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него плашете се!

6. Зар не се продаваат пет врапчиња за две парички? И ниедно од нив Бог не го заборава.

7. А вам, и влакната на главата ви се изброени. Па затоа, не плашете се: од многу врапчиња вие сте поскапи.

8. Ви велам: секој што Ме признава Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;

9. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.

10. На секој што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој ќе похули на Светиот Дух, нема да му се прости.

11. А кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата и властите, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;

12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете.“

За земното богатство

13. Некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“

14. А Тој му рече: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“

15. Потоа им кажа: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.“

Парабола за алчниот богат човек

16. И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу.

17. И размислуваше во себе, велејќи: ‚Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘

18. Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам житниците свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,

19. и ќе ѝ речам на душата своја: ‚Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘

20. Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќва ќе ти ја побараат душата твоја; тоа што си го приготвил, чие ќе биде?‘

21. Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога.“

Имај верба во Бога!

22. И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете.

23. Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеката.

24. Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?

25. А кој од вас, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст?

26. И така, ако ниту најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?

27. Погледајте ги криновите како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ниту Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.

28. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни!

29. Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!

30. Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.

31. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено!

Ризниците на Небото

32. Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.

33. Продајте си ги имотите ваши и давајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, неисцрпна ризница на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;

34. зашто, каде што е вашата ризница, таму ќе биде и срцето ваше.

За слугите што секогаш бдеат

35. Нека ви биде половината препашана и светилата – запалени!

36. Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и почука.

37. Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.

38. А ако дојде и на втора или на трета ноќна стража, и ги затекне така, блазе на тие слуги!

39. Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.

40. Затоа и вие, бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате!“

За верниот и неверниот слуга

41. А Петар Му рече: „Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?“

42. Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и разборит настојник, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им ја дава потребната храна навреме?

43. Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, ќе го затекне така да постапува!

44. Вистина ви велам дека тој ќе го постави него над целиот свој имот.

45. Ако, пак, тој слуга си рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот господар!‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,

46. господарот на тој слуга ќе дојде во ден во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го расече на две и ќе му даде удел со неверните.

47. А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.

48. Кој, пак, не знаел и направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан. Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.

Зошто е дојден Исус?

49. Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.

50. Со крштевање треба да се крстам и колку Ми е мачно додека не се сврши тоа.

51. Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку разделеност;

52. Зашто отсега, пет члена во една иста куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца;

53. Ќе се разделат татко против син и син против татко; мајка против ќерка и ќерка против мајка; свекрва против снаата своја и снаа против свекрвата своја.“

Разбирање на сегашното време

54. А на народот му рече: „Кога гледате дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ И тоа се случува.

55. А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива.

56. Лицемери, знаете како да го распознавате лицето на небото и земјата, зошто ова време не умеете да го распознавате?

Спогоди се со својот обвинител!

57. Зошто тогаш сами од себе не судите што е праведно?

58. Кога одиш со противникот пред власта, потруди се уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на извршителот и тој да те фрли в затвор.

59. Ти велам, оттаму нема да излезеш, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“