поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус ги испраќа дванаесетте апостоли

1. Откако ги повика Дванаесетмината, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести.

2. И потоа ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.

3. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ниту стап, ниту торба, ниту леб, ниту сребро, ниту по две облеки да имате!

4. И, во која куќа ќе влезете, таму останувајте, и оттаму тргнувајте на пат.

5. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.“

6. А кога излегоа, тие одеа по селата проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.

Вознемиреноста на Ирод

7. Кога слушна Ирод четворовласникот што Тој прави, беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;

8. други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци.

9. И рече Ирод: „На Јован јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам такви нешта?“ И сакаше да Го види.

Исус нахранува пет илјади луѓе

10. А апостолите, кога се вратија, Му раскажаа што направиле. Тогаш ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, наречен Витсаида.

11. Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.

12. А денот почна да намалува. И пријдоа до Него Дванаесетмината и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; зашто овде сме во пусто место.“

13. Но Тој им рече: „Дајте им вие да јадат!“ Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“

14. А луѓето беа околу пет илјади. Но Тој им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат во групи по педесет.“

15. И направија така, и ги поредија сите.

16. А Тој, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде на учениците за да ги стават пред народот.

17. И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.

Петар Го признава Исус за Месија

18. Еднаш, кога Исус се молеше сам, а само учениците Негови беа со Него, Тој ги праша: „Што вели народот, Кој сум Јас?“

19. Тие одговорија и рекоа: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.“

20. Тој им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар одговори и рече: „Христос Божји.“

Исус првпат ја навестува Својата смрт и воскресение

21. А Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа,

22. велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.

Патот на Исусовите следбеници

23. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека ме последува!

24. Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси.

25. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го добие целиот свет, а себе самиот се упропасти или си направи штета?

26. Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.

27. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“

Исусовото преображение

28. А околу осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петар, Јован и Јаков, и се искачи на гората да се помоли.

29. И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и блескава.

30. И ете, двајца луѓе разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија.

31. Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим.

32. А Петар и оние кои беа со него ги беше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.

33. И кога се разделуваа од Него, Петар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме овде; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“

34. Додека го велеше тоа, се појави облак и ги засени; и се уплашија штом влегоа во облакот.

35. И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“

36. А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе.

Оздравувањето на бесомачното момче

37. А на другиот ден, додека се симнуваа од гората, Му доаѓаше во пресрет многу народ.

38. И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец!

39. Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува да вриска. Го растргнува толку силно, што тој се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта.

40. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“

41. Одговори Исус и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!“

42. И додека тој уште приоѓаше, злиот дух го кутна и почна да го тресе. Но Исус му заповеда на нечистиот дух и го излекува момчето и го предаде на татко му.

Исус повторно ги претскажува Својата смрт и воскресение

43. И сите беа вчудовидени од Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на учениците Свои:

44. „Ставете ги во ушите свои овие зборови: ‚Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.‘“

45. Но тие не го разбраа овој говор, зашто беше прикриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за значењето на овој говор.

Кој е најголем

46. И им дојде мисла: кој од нив е најголем.

47. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себе,

48. па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој е голем.“

Кој не е против вас, тој е со вас!

49. Проговори Јован и рече: „Учителе, видовме еден човек, кој во Твое име истерува демони, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.“

50. Исус му рече: „Не забранувајте му! Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.“

Негостопримливите Самарјани

51. А кога се навршуваа деновите на неговото воздигнување, Тој одлучи да тргне на пат за Ерусалим;

52. и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да подготват за Него.

53. Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник што оди во Ерусалим.

54. Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: „Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?“

55. Но Тој се сврте кон нив и ги укори и рече: „Не знаете од каков дух сте вие,

56. зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да ги спаси.“ И отидоа во друго село.

Исусовите следбеници

57. А додека тие патуваа, некој Му рече: „Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“

58. Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“

59. На друг, пак, му рече: „Врви по мене!“ А тој одговори: „Господи, допушти најнапред да отидам да го погребам татко ми!“

60. Но Исус му рече: „Остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти оди и разгласувај го царството Божјо!“

61. Потоа некој друг Му рече: „Господи, ќе одам по Тебе, но дозволи ми најнапред да се простам со своите домашни.“

62. Исус, пак, му рече: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божјо.“