поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Дела 8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Савле ги гони христијаните

1. Савле, пак, го одобруваше неговото убиство. Во тој ден започна голем прогон на Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по пределите на Јудеја и Самарија.

2. А Стефан го погребаа побожни луѓе и приредија голема посмртна жалост.

3. Савле, пак, ја пустошеше Црквата, одеше по куќите и извлекуваше мажи и жени, па ги предаваше во затвор.

4. Тие што се беа распрснале, сега одеа наоколу благовестувајќи го словото.

Божјото Слово во Самарија

5. Така Филип слезе во еден самарјан­ски град и таму им Го проповедаше Христос.

6. Народот еднодушно внимаваше на тоа што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги правеше тој;

7. зашто нечисти духови со голем вик излегуваа од оние во кои се наоѓаа, и мнозина неподвижни и сакати оздравуваа.

8. И голема радост настана во тој град.

9. А во градот имаше еден човек по име Симон. Тој правеше магии и со тоа го вчудовидуваше народот од Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек.

10. Него го слушаа сите, од најмал до најголем, и велеа: „Овој е силата Божја, наречена Голема.“

11. А го слушаа внимателно, затоа што подолго време ги беше восхитувал со своите магии.

12. Но кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за цар­ството Божјо и за името на Исус Хрис­тос, почнаа да се крштеваат мажи и же­ни.

13. Тогаш поверува и самиот Симон, и откако се крсти, постојано го при­дру­жуваше Филип; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше.

14. Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован.

15. Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети.

16. Зашто сѐ уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господа Исуса.

17. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух.

18. А Симон, кога виде дека Духот Све­ти се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,

19. и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!“

20. Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто по­мисли дека дарот Божји може да се стекне со пари.

21. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.

22. Туку покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое;

23. бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие.“

24. А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господ вие, да не ме стиг­не ништо од она што рековте.“

25. И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го патем Еван­гелието во многу села самарјански.

Филип и етиопскиот великодостоинственик

26. А на Филип му рече ангел Гос­по­дов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.“

27. Тој стана и тргна; и ете, еден човек од Етиопија, евнух, висок достоинстве­ник на Кандакија, етиопската царица, кој беше чувар на сите нејзини ризници. Тој дошол во Ерусалим на поклонение,

28. а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.

29. Духот, пак, му рече на Филип: „Приближи се и застани до колата!“

30. Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“

31. Овој одговори: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Па го замоли Филип да се качи и да седне до него.

32. А местото од Писмото што го читаше, беше ова: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Тој устата Своја не ја отвори.

33. Во неговата понизност Тој беше ли­шен од праведен суд. А поколението Негово кој ќе го искаже? Зашто животот Негов се одзема од земјата.“

34. Тогаш Етиопјанецот проговори и му рече на Филип: „Те молам, за кого ова го зборува пророкот, за себе или за некој друг?“

35. А тогаш, Филип ја отвори устата своја, започнувајќи да му објаснува од тоа место во Писмото и да му бла­го­вес­ти за Исус.

36. И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанецот рече: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“

37. А Филип му рече: „Ако веруваш од сѐ срце – можеш.“ Тој одговори и рече: „Верувам дека Исус Христос е Син Божји.“

38. И заповеда колата да запре, па слегоа во водата обајцата, и Филип и ев­ну­хот, и го крсти.

39. А кога излегоа од водата, Духот Свети се симна над евнухот, а ангел Господов го грабна Филип, па ев­нухот веќе не го виде. Тој радосно го про­дол­жи својот пат.

40. Филип се најде во Азот, од каде што тргна во обиколка, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Кесарија.