поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Дела 13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Савле и Варнава избрани за мисионерско патување

1. Во Антиохиската црква имаше некои пророци и учители: Вар­нава, Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот и Манаин, кој беше воспитан заедно со Ирод четворовласникот, и Савле.

2. Еднаш кога Му служеа на Господ и постеа, Духот Свети рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав!“

3. Тогаш тие, откако постеа и се по­мо­лија, положија раце над нив и ги пуш­ти­ја.

Варнава и Савле во Кипар

4. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму от­пловија за Кипар.

5. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јован како помошник.

6. А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, наидоа на еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Ва­ри­сус,

7. кој беше со намесникот Сергиј Пав­ле, човек умен. Тој ги повика Варнава и Савле, и посака да го слушне словото Божјо.

8. Но им се спротивстави Елима – ма­ѓесникот, така всушност се преведува неговото име, настојувајќи намесникот да го одврати од верата.

9. Но Савле, наречен Павле, исполнет со Дух Свети, го впери погледот на не­го,

10. и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, не­пријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?

11. И еве сега, раката Господова е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време не­ма да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и џба­рајќи, бараше водач.

12. Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово.

Павле и Варнава во Антиохија Писидиска

13. Павле и неговите придружници от­пловија од Пафос и пристигнаа во Пер­гија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим.

14. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа.

15. По читањето на Законот и на Про­роците, старешините на синагогата пра­тија луѓе да им кажат: „Мажи браќа, ако имате зборови за утеха на народот, зборувајте!“

16. И тогаш стана Павле, мавна со ра­ката и рече: „Луѓе Израилци, и вие, што имате страхопочит кон Бога, пос­лу­шај­те!

17. Бог на овој народ, Израил, ги избра татковците наши, и го подигна овој на­род кога тие пребиваа во земјата еги­петска, и со раката Своја силна ги из­ве­де од неа;

18. и околу четириесет години ги хранеше во пустината;

19. а потоа откако уништи седум народи во земјата хананска, со ждрепка им ја раздели земјата во нивно наследство.

20. За околу четиристотини педесет години им даваше судии до пророкот Самоил.

21. А потоа бараа цар, и Бог им го даде Саул, Кисовиот син, човек од Вени­ја­миновото колено, за четириесет години.

22. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давид, за кого и рече, све­до­чеј­ќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давид, синот Јесеев. Тој ќе ги исполни сите Мои барања.‘

23. Од неговото потомство Бог, според ветувањето, Го издигна за Израил Спасителот Исус.

24. Пред Неговото доаѓање Јован како предгласник му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштевање.

25. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги од­врзам ни обувките на Неговите нозе.‘

26. Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат стра­хо­почит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение.

27. Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките збо­ро­ви, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија.

28. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие.

29. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб.

30. Но Бог Го воскресна од мртвите.

31. А Тој во текот на многу дни им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.

32. И ние сега ви благовестуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исус.

33. Како што е во вториот псалм на­пи­шано: ‚Син Мој си Ти, денес Те родив Јас.‘

34. А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во рас­па­ѓа­ње, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам сигур­ни­те ветувања дадени на Давид.‘

35. За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да допуштиш Твојот светец да види распаѓање.‘

36. А навистина Давид, откако му слу­жеше на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;

37. но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.

38. И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.

39. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, пре­ку Него се оправдува секој кој верува.

40. Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците:

41. ‚Погледнете вие кои презирате, за­чудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го рас­ка­жал.‘“

42. А кога излегуваа Јудејците од сина­го­гата, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота.

43. И кога се распушти собирот, мнози­на Јудејци и побожни прозелити појдоа по Павле и Варнава. Тие разговараа со нив и им советуваа да останат во Бож­ја­та благодат.

Павле и Варнава се обраќаат кон незнабошците

44. Следната сабота се собра скоро це­лиот град да го слушне словото Божјо.

45. Но Јудејците, кога видоа многу на­род, се исполнија со завист и му против­речеа на она што го зборуваше Павле и хулеа.

46. Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: „Словото Божјо требаше нај­нап­ред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате де­ка не сте достојни за вечниот живот, за­тоа, еве, ние се обраќаме кон незнабош­ците.

47. Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.‘“

48. Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен.

49. И словото Господово се распространуваше по целиот крај.

50. Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и градските првенци, поттикнаа гонење против Павле и Варнава, и ги истераа од својот крај.

51. Тие, го истресоа правот од нозете свои на нив, и дојдоа во Иконија.

52. А учениците се исполнија со радост и Дух Свети.