поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Дела 10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Видението на војникот Корнилиј во Кесарија

1. Во Кесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од таканаречената Италска чета.

2. Тој беше благочестив и богобојазлив човек, заедно со целиот негов дом; изобилно му даваше милостина на народот и секогаш Му се молеше на Бога.

3. Еднаш околу деветтиот час од де­нот, тој виде најаве ангел Божји, како доаѓа кај него и му вели: „Корнилиј!“

4. А тој го впери погледот во него и си­от уплашен рече: „Што е Господи?“ Тој му рече: „Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои.

5. И сега, прати луѓе во Јопија и по­викај го Симон, кого го викаат Петар.

6. Тој престојува таму како гостин кај некој си кожар Симон, чија куќа се наоѓа покрај морето. Тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и це­лиот твој дом.“

7. Кога си отиде ангелот што му збору­ва­ше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа кај него;

8. па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија.

Видението на Петар во Јопија

9. Утредента, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот пок­рив од куќата да се помоли.

10. И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес,

11. и го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на не­кое големо платниште, врзано за че­ти­рите краишта, и се спушташе на земјата.

12. Во него имаше секакви четиринож­ни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небески.

13. И дојде глас кон него: „Петре, ста­ни, заколи и јади!“

14. А Петар рече: „Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто.“

15. И повторно дојде глас кон него: „Она што Бог го очистил, ти не го сме­тај за нечисто!“

16. Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото.

17. И додека Петар беше во недоумица што значи тоа видение што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои откако се распрашаа и го најдоа домот на Симон, застанаа пред портата.

18. Тогаш повикаа и прашаа: „Овде ли гостува Симон, наречен Петар?“

19. И додека Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те ба­раат тројца луѓе.

20. Туку стани, слези и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!“

21. Штом слезе кај луѓето, испратени од Корнилиј кај него, Петар рече: „Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дош­ле?“

22. А тие му одговорија: „Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу сиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.“

23. Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; со него заминаа и некои браќа од Јопија.

24. Следниот ден тие пристигнаа во Кесарија. А Корнилиј ги чекаше, пови­кувајќи ги своите роднини и блиски пријатели.

25. Додека Петар влегуваше, Корнилиј му дотрча во пресрет, падна пред нозете негови и му се поклони.

26. А Петар го подигна и му рече: „Стани, и јас сум само човек.“

27. И така разговарајќи со него, влезе внатре, каде што најде мнозина соб­рани.

28. И им рече: „Вие знаете дека на чо­век Јудеец му е забрането да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но ме­не Бог ми покажа ниеден човек да не го нарекувам поган или нечист.

29. Затоа, кога бев поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам, зошто ме повикавте?“

30. И Корнилиј одговори: „Пред четири дена, сѐ до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом. Одеднаш, пред мене застана човек во светла облека,

31. и ми рече: ‚Корнилиј, твојата мо­литва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна.

32. Затоа прати некого во Јопија и по­викај го Симон, наречен Петар; тој сега престојува на гости кај Симон Кожа­рот, покрај морето. Тој ќе дојде и ќе ти зборува.‘

33. Затоа јас веднаш пратив луѓе по те­бе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да слушнеме сѐ што ти е од Бога за­по­ве­дано.“

Петровата беседа во куќата на Корнилиј

34. Тогаш Петар ја отвори устата и ре­че: „Навистина сфаќам дека Бог не гле­да на лице;

35. туку, напротив, Нему му е мил во секој народ оној кој има страхопочит кон Него и постапува праведно.

36. Тој им го прати на синовите Изра­илеви словото, благовестувајќи мир преку Исус Христос, Кој е Господ на сите.

37. Вие знаете за сето она што се слу­чуваше по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштевањето што го про­поведаше Јован:

38. како Го помаза Бог со Дух Свети и со сила Исус од Назарет, и како Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувај­ќи ги сите што беше ги нападнал ѓаво­лот, зашто Бог беше со Него.

39. И ние сме сведоци за сѐ што нап­ра­ви Тој во земјата Јудејска и во Еру­са­лим. Него Го убија, приковувајќи Го на крст.

40. Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави,

41. но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадев­ме и пиевме со Него по Неговото вос­креснување од мртвите.

42. И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија над живите и мртвите.

43. Сите пророци сведочат за тоа дека секој што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Не­го­во­то име.“

Светиот Дух се излева над сите

44. Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото.

45. А обрезаните верници, што беа дојдени заедно со Петар, се изненадија што дарот на Светиот Дух се излеа и над незнабошците,

46. зашто ги слушаа како зборуваат на разни јазици и Го возвеличуваат Бога. Тогаш Петар рече:

47. „Може ли некој да ја забрани водата за да не бидат крстени оние кои Го примија Духот Свети како и ние?“

48. И им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив неколку де­на.