поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Дела 9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Савловото преобраќање

1. А Савле, дишејќи уште со застра­шувања и убиства против уче­ни­ци­те на Господа, дојде кај прво­свеш­те­ни­кот

2. и побара од него писма за синагоги­те во Дамаск, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим.

3. Но, додека по патот наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото,

4. и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“

5. А тој одговори: „Кој си Ти, Го­спо­дине?“ А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.“

6. Тресејќи се од страв и ужас, тој пра­ша: „Господи, што сакаш да направам?“ А Господ му рече: „Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!“

7. А луѓето, што одеа по него, стоеја занемени од вчудовиденост, зашто слушаа глас, а никого не гледаа.

8. Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, ништо не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.

9. И три дена остана слеп, и ништо не јадеше, ниту пиеше.

10. Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананија, кому во видение Гос­под му рече: „Ананија!“ А тој одговори: „Еве ме Господи!“

11. Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот од Тарс, по име Савле; ете, тој сега се моли.“

12. И во видение виде еден човек, по име Ананија, како му пријдува и полага раце над него, за да може да прогледа.

13. А Ананија одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на Твоите светии во Еру­салим;

14. а тој и овде има овластување од првосвештениците да ги врзува сите што го повикуваат името Твое.“

15. Но Господ му рече: „Оди, зашто тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви.

16. И Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое.“

17. А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над не­го, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.“

18. И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога ста­на, се крсти.

Савле проповеда во Дамаск

19. А откако прими храна, Савле зак­репна. Потоа неколку дена преседе со учениците во Дамаск;

20. и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји.

21. И сите што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли ова оној, кој во Еру­салим ги гонеше оние што го повикуваа тоа Име, та затоа и овде дошол за да ги доведе врзани пред првосвештениците?“

22. А Савле стануваше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.

23. Кога помина многу време, Јудеј­ци­те се договорија да го убијат.

24. Но Савле дозна за нивниот заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата за да го убијат.

25. Затоа учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕидот.

Савле во Ерусалим

26. А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле настојуваше да им се придружи на учениците; но сите се плашеа од не­го, бидејќи не веруваа дека тој навистина е ученик.

27. Варнава, пак, го зеде и го одведе кај апостолите, па им раскажа како Савле по патот Го видел Господа, дека Гос­под му зборувал, а исто така и дека во Дамаск отворено го проповедал името на Исус.

28. И оттогаш тој остана со нив, влегу­ва­ше и излегуваше во Ерусалим, и смело говореше во името на Господа Ису­са.

29. А зборуваше и се препираше исто така и со елинизираните Јудејци, кои се обидуваа да го убијат.

30. Штом разбраа за тоа браќата, го од­ведоа во Кесарија, од каде го испратија во Тарс.

31. А црквата по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беше во мир, се изградуваше и живееше во страхопочит кон Господ, и растеше со утехата на Светиот Дух.

Оздравувањето на Енеј

32. Петар откако ги обиколи сите, сле­зе и кај светиите што живееја во Лида.

33. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, зашто бил неподвижен.

34. И Петар му рече: „Енеј, тебе те ис­целува Исус Христос. Стани и направи си ја постелата сам!“ И тој веднаш ста­на.

35. И го видоа сите што живееја во Ли­да и во Сарон, и се обратија кон Господ.

Оживувањето на Срна во Јопија

36. Во Јопија имаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше.

37. И токму во тоа време таа се разболе и умре. Тогаш ја измија и ја положија во горната одаја.

38. А бидејќи Лида беше близу до Јо­пи­ја, учениците штом слушнаа дека е Пе­тар таму, веднаш испратија двајца луѓе кај него, молејќи го да дојде до нив што побргу.

39. Петар стана и тргна кај нив. Кога пристигна, го одведоа во горната одаја. И дојдоа кај него сите вдовици, пла­чеј­ќи и покажувајќи му ги ризите и об­ле­ките што ги беше правела Срна додека живееше со нив.

40. Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ И таа ги отвори очите свои, го погледна Петар и седна.

41. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна. Тогаш ги повика светиите и вдовиците и им ја предаде жива.

42. И ова се разгласи по цела Јопија, и мнозина поверуваа во Господа.

43. А Петар престојуваше долго време во Јопија кај некој си кожар Симон.