поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исусовото воскресение

1. Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а со нив беа и некои други жени

2. Но ја најдоа плочата иставена на гробот.

3. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус.

4. И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки;

5. тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?

6. Тој не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, додека беше уште во Галилеја,

7. говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден во рацете на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.“

8. И се сетија на Неговите зборови.

9. Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други.

10. А тие беа Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јаковова заедно со другите, кои им го кажаа тоа на апостолите.

11. И нивните зборови им изгледаа како бесмислица, и не им поверуваа.

12. Но Петар стана и отиде бргу до гробот, па кога се наведна, го виде внатре само повојот. И се врати, чудејќи се сам во себе заради она што се случило.

На патот кон Емаус

13. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии.

14. И зборуваа меѓу себе за сите овие настани.

15. И додека разговараа и се расправаа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив;

16. но очите им се замрежија за да не Го познаат.

17. А Тој им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“

18. Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“

19. И го праша: „Што?“ Тие Му одговорија: „За Исус од Назарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ;

20. Како нашите првосвештеници и началници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа;

21. а ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израил; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако се случи ова.

22. А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот,

23. и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале дека е Тој жив.

24. Отидоа на гробот и некои од нашите и го најдоа истото она, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.“

25. Тогаш им рече: „О, безумни! Срцето ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците!

26. Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“

27. Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма.

28. И тие се приближија до селото во кое одеа; а Тој се направи како да сака да продолжи.

29. Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“ Тој влезе и остана со нив.

30. А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде.

31. Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив.

32. И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа во нас срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“

33. Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани Единаесетте и оние кои беа со нив,

34. каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон.

35. И тие кажаа за она што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.

Појавување пред Апостолите

36. Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: „Мир вам!“

37. А тие, така се уплашија и бидејќи застрашени, помислија дека гледаат дух.

38. Но Тој им рече: „Што сте збунети и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши?

39. Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.“

40. А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.

41. Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“

42. Тие Му дадоа парче печена риба и мед со саќе.

43. И кога зеде, јадеше пред нив.

44. Па им рече: „Ете, ова се зборовите што ги говорев уште додека бев со вас, зашто треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.“

45. Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата,

46. и им рече: „Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден,

47. и да биде проповедано во Негово име покајание и проштевање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим;

48. а вие сте сведоци за ова.

49. И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора.“

Христовото вознесение

50. И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови.

51. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото;

52. тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.

53. И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин!