поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Парабола за досетливиот настојник

1. А на учениците Свои им рече: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот.

2. И тој го повика, и му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘

3. А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам, да просам – се срамам.

4. Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето на куќата.‘

5. И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘

6. Тој одговори: ‚Сто мери масло.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!‘

7. Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши осумдесет!‘

8. И го пофали господарот несправедливиот настојник, зашто постапил досетливо; зашто синовите на овој свет кон својот род се подосетливи од синовите на светлината.

За неправедно стекнатото богатство и за вистинското добро

9. И јас ви велам: создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога ќе осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта.

10. Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот во малку и во многу е несправедлив.

11. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското?

12. И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето?

13. Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамон.“

Законот и царството

14. Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа.

15. И им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, пред Бога е одвратност.

16. Законот и Пророците беа до Јован; а оттогаш се проповеда Евангелието за царството Божјо и секој со усилба влегува во него.

17. Но полесно е небото и земјата да поминат, отколку една црта од Законот да пропадне.

18. Секој, што ја отпушта жената своја и се жени со друга, извршува прељуба, и секој што се жени со онаа што ја отпуштил мажот, прави прељуба.“

Парабола за богатиот човек и Лазар

19. „Си беше еден богат човек кој се облекуваше во порфир и во свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.

20. А еден сиромав, по име Лазар, лежеше пред вратата негова сиот покриен со красти,

21. кој сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.

22. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во пазувите Авраамови; умре и богатиот и го погребаа.

23. И во пеколот, додека беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраам и Лазар во неговите пазуви.

24. Тогаш тој извика и рече: ‚Оче Аврааме, смилувај ми се и прати го Лазар да го накваси врвот од својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, зашто многу страдам во овој пламен!‘

25. Но Авраам рече: ‚Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти се мачиш.

26. Освен тоа, меѓу вас и нас има голема провалија така што оние кои би сакале да дојдат кај вас, не можат; а исто така и оние оттаму не преминуваат кај нас.‘

27. А тој пак рече: ‚Тогаш, те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,

28. зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘

29. Авраам му рече: ‚Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат!‘

30. А тој рече: ‚Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите оди кај нив, тогаш ќе се покаат.‘

31. Авраам му рече: ‚Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да се уверат.‘“