поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа, одеше по градовите и селата, проповедувајќи и навестувајќи го Божјото Царство. А со Него беа Дванаесетмината

2. и некои жени, кои беа излечени од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум бесови;

3. и Јоана сопруга на Иродовиот управител Хуза; Сусана и многу други, кои им служеа со своите имоти.

4. Откако се собра големо множество и кога луѓе од сите градови дојдоа при Него, им рече во парабола:

5. ”Излезе сејач да сее свое семе. И додека сееше - едно падна покрај патот, и го изгазија и небесните птици го исколваа.

6. Друго пак падна на камен, изникна и се исуши, зашто немаше влага.

7. Друго падна меѓу трње и трњето - растејќи со него - го задушија.

8. А друго падна на добра земја, изникна и донесе стократен плод.” Кога го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша нека слуша!”

9. А Неговите ученици Го прашаа, што значи оваа парабола?

10. Тој пак им рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Божјото Царство; а на другите им се даваат во параболи, така што: гледајќи да не гледаат и слушајќи да не разбираат.

11. А ова парабола значи: семето е Божјото Слово.

12. Оние крај патот - тие чуле; потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од нивните срца, за да не поверуваат и да не се спасат.

13. На камен се тие, кои - штом чујат - со радост го примаат Словото, но ни тие немаат корен; веруваат некое време, но отпаѓаат во време на искушенија.

14. Паднатото меѓу трње, тоа се оние, кои слушале и кога си отидат ги задушуваат грижите, богатството и животните уживања, и не донесуваат зрел плод.

15. А она на добрата земја - тоа се оние, кои ќе го чујат Словото, го чуваат во добро и чисто срце и донесуваат плод во трпение.”

16. ”Никој - кој запалил светилка - не ја покрива со сад ниту ја става под леглото, туку ја става на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат.

17. Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту скриено, што не ќе се разбере и излезе на видело.

18. И така, внимавајте како слушате! Зашто, кој има, ќе му се даде; кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.”

19. А мајка Му и браќа Му дојдоа при Него, но не можеа да Му се приближат заради множеството.

20. И некој Му јави: „Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат.”

21. А Тој им одговори и рече: „Моја мајка и Мои браќа се оние, кои го слушаат Божјото Слово и го исполнуваат.”

22. А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: „Да минеме на другата страна на езерото!” И отпловија.

23. А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ се наполни со вода, и беа во опасност.

24. И дојдоа и Го разбудија, велејќи: „Учителе, Учителе! Загинуваме!” А Тој се разбуди, им запрети на ветерот и на брановите и се смирија, па настана тишина.

25. А ним им рече: „Каде ви е верата?” А тие, уплашени се чудеа и си рекоа еден на друг: „Кој е Овој што им заповеда на ветровите и на водата, и Му се покоруваат?”

26. И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.

27. А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој имаше зли духови, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите.

28. Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече многу гласно: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те молам, не ме измачувај!”

29. Зашто му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого го опфатил одамна, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа, но тој ги раскинуваше оковите и бесот го гонеше во пустините.

30. Исус го праша: „Како ти е името?” Тој пак рече: „Легион”, зашто многу демони влегле во него.

31. И Го замолија да не им наредува да одат во бездната.

32. А таму по ридот, имаше големо стадо свињи, што пасеа. И демоните Го замолија да им дозволи да влезат во свињите, и им дозволи.

33. И откако излегоа демоните од човекот, влегоа во свињите; и стадото се спушти низ стрмнината во езерото и се удави.

34. А кога пастирите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и во селата.

35. Луѓето пак излегоа да видат што се случи, па дојдоа при Исуса и го најдоа човекот, од кого излегоа нечистите духови, како седи до Исусовите нозе, облечен и умен, и се исплашија.

36. А тие, кои го видоа тоа, им раскажаа како беше спасен бесниот.

37. И целото множество од Гадаринската околина Го замоли да отиде од нив, зашто ги опфати голем страв, Тој пак влезе во коработ и се врати.

38. А човекот, од кого излегоа демоните, Го молеше да остане со Него; но го отпушти, велејќи:

39. ”Врати се во својот дом и раскажувај што ти направи Бог!” И си отиде разгласувајќи по целиот град што му направи Исус.

40. А кога се врати Исус, народот Го прими, зашто сите Го чекаа.

41. И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, и падна пред Исусовите нозе и Го замоли да влезе во Неговата куќа,

42. зашто имаше единствена ќерка, на околу дванаесет години, и таа беше на умирање. И кога одеше, народот се туркаше околу Него.

43. А една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение и која го потроши сиот свој имот по лекарите, а ниеден не можеше да ја излечи,

44. Му пристапи одзади и се допре до работ на Неговата наметка, и веднаш и прекрати нејзиното крвотечение.

45. А Исус рече: „Кој се допре до Мене?” А кога сите одречуваа, Петар рече: „Учителе, многу народ Те турка и притиска.”

46. Исус пак рече: „Некој се допре до Мене, зашто почувствував дека сила излезе од Мене.”

47. А штом жената виде дека не може да се сокрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш.

48. А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир!”

49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настојникот и рече: „Ќерка ти умре, не измачувај Го повеќе Учителот!”

50. Штом Исус чу, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена.”

51. А кога дојде во куќата, не му дозволи никому да влезе со Него, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојчето.

52. Сите плачеа и тажеа по неа. Тој пак им рече: „Не плачете, зашто не е умрена, туку спие!”

53. И Му се потсмевнуваа, зашто знаеја дека е умрена.

54. А Тој ја фати нејзината рака и извика: „Дете, стани!”

55. И нејзе и се врати духот, и стана веднаш, и Тој нареди да и дадат да јаде.

56. Нејзините родители се зачудија, а Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што се случило.