поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Еднаш, додека народот се притискаше кон Него, за да го слуша Божјото Слово, а Тој стоеше при Генисаретското Езеро,

2. виде два кораба покрај брегот. Рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите.

3. Тој влезе во едниот кораб, кој беше Симонов, го замоли да го оддалечи малку од копното. Потоа седна и го поучуваше народот од коработ.

4. А кога прекрати да зборува, му рече на Симона: „Одвеслај кон длабокото и фрлете ги своите мрежи за лов!”

5. Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но на Твој збор, ќе ги фрлам мрежите.”

6. И кога го направија тоа, уловија големо множество риба, така што им се кинеа мрежите.

7. И им дадоа знак на другарите, во другиот кораб, за да дојдат и да им помогнат. И дојдоа и ги наполнија двата кораба, така што почнаа да тонат.

8. Кога Симон Петар го виде тоа, падна пред Исусовите колена и рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!”

9. Зашто се зачудија - тој и сите, кои беа со него, заради ловот на рибите што ги уловија.

10. А исто така и Заведеевите синови, Јован и Јаков, кои беа Симонови другари. А Исус му рече на Симона: „Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!”

11. И ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и отидоа по Него.

12. И кога беше во еден град, ете, човек целиот лепрозен, штом Го виде Исуса падна ничкум и Го замоли, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.”

13. Тогаш ја протегна раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!” И веднаш лепрата падна од него.

14. И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: „Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето очистување, како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!”

15. А гласот за Него сè повеќе се разнесуваше и големо множество народ доаѓаше да Го слуша и да се лечи од своите болести.

16. А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше.

17. И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и законоучителите, кои дојдоа од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму за да ги исцели.

18. И ете, луѓето донесоа на постела фатен човек и гледаа да го внесат и да го положат пред Него.

19. И бидејќи не најдоа од каде да го внесат заради множеството, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосè постела, насредина пред Исуса.

20. Кога ја виде нивната вера, рече: „Човеку, ти се опростуваат гревовите.”

21. Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат, велејќи: „Кој е Овој, Кој хули на Бога? Кој може да ги опростува гревовите освен Единиот Бог?”

22. А Исус, кога ги созна нивните мисли, во одговор им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?

23. Што е полесно да се рече: ‘Ти се опростуваат гревовите’ или ‘Стани и оди’!

24. Но, да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да ги опростува гревовите, му рече на фатениот: „Тебе ти велам, стани и дигни го својот одар и оди си во својот дом!”

25. И веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше, и си отиде дома, славејќи Го Бога.

26. И тие сите се зачудија и Го славеа Бога и - исполнети со страв - зборуваа: „Денес видовме чудни нешта!”

27. И потоа излезе и го забележа цариникот по име Левиј, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!”

28. Тој остави сè, стана и тргна по Него.

29. И Левиј му приреди голема гозба во својот дом; имаше и многу цариници и други прилегнати покрај трпезата.

30. А фарисеите и нивните книжници им негодуваа на Неговите ученици, велејќи:” Зошто јадете и пиете со цариниците и грешниците?”

31. Исус одговори и им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните.

32. Не дојдов да ги повикам праведните, туку грешниците на покајание.”

33. А тие Му рекоа тогаш: „Јовановите ученици постат често и се молат, така и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?”

34. Исус пак им рече: „Можете ли да ги натерате сватовите да постат додека е младоженецот со нив?

35. Туку ќе дојдат дни кога младоженецот ќе биде грабнат од нив; тогаш ќе постат, во тие дни.

36. А им ја кажа и оваа парабола: „Никој не кине крпа од нова облека, за да ја стави на стара облека; инаку ја кине новата облека, а на старата не и прилега крпа од новата.

37. И никој не налева ново вино во стари мевови; инаку новото вино ќе ги скине мевовите и ќе истече, а мевовите ќе пропаднат.

38. Туку ново вино, треба да се налева во нови мевови, па се запазува и едното и другото.

39. И никој - откако пил старо вино - не сака ново, зашто вели: „Старото е подобро.”