поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А им кажа парабола како треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат.

2. И рече: „Во еден град беше некој судија, кој не се боеше од Бога, и не се грижеше за луѓето.

3. А во истиот град имаше и една вдовица, која доаѓаше при него и му се молеше: ‘Заштити ме од мојот противник!’

4. Тој нејќеше некое време; после си рече во себеси: ‘Иако не се бојам од Бога, ниту се грижам за луѓето;

5. ќе и го дадам правото на оваа вдовица, зашто ми додева, за на крај да не дојде и да ме нападне.’”

6. И Господ рече: „Чујте, што зборува неправедниот судија!”

7. Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, кои викаат кон Него, дење и ноќе, имајќи трпение со нив?

8. Ви велам, ќе ги одбрани скоро. Но, кога ќе дојде Човечкиот Син, ќе најде ли вера на земјата?”

9. А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:

10. ”Два човека влегоа во Храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.

11. Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник;

12. постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’

13. А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’

14. Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.”

15. Му донесуваа и мали деца, за да ги допре; а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.

16. Но Исус ги повика и рече: „Оставете ги дечињата да доаѓаат при Мене и не пречете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!

17. Вистина ви велам, кој не го прими Божјото Царство како дете, тој никако нема да влезе во него.”

18. И еден началник го праша, велејќи: „Учителе добар, што треба да направам за да наследам вечен живот?”

19. А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог.

20. Ги знаеш заповедите: „Не прељубодејствувај! Не убивај! Не кради! Не сведочи лажно! Почитувај ги татка си и мајка си!”

21. Тој пак рече: „Сето тоа го запазив од мојата младост!”

22. А кога Исус го чу тоа, му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш, и раздај го на бедните и ќе имаш сокровиште на небесата! Тогаш, дојди и следи Ме!”

23. Кога го чу тоа се нажали мошне, зашто беше многу богат.

24. А кога Исус го виде таков, рече: „Колку тешко ќе влезат во Божјото Царство, оние, кои имаат богатство.

25. Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото Царство.”

26. А оние, кои чуја, рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?”

27. Тој пак рече: „Што им е невозможно на луѓето, тоа е можно на Бога.”

28. А Петар рече: „Ете, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!”

29. Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој што заради Божјото Царство оставил: куќа или жена или браќа, или родители или деца,

30. а кој не ќе прими многу повеќе во ова време, а во идниот век - вечен живот.”

31. И кога ги зеде со Себе Дванаесетте им рече: „Еве, одиме горе во Ерусалим; и ќе се исполни сè што пишувале пророците за Човечкиот Син,

32. зашто ќе биде предаден на многубошците, и ќе Му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан;

33. и кога ќе Го бичуваат, ќе Го убијат, но ќе воскресне на третиот ден.”

34. Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто тој збор беше сокриен од нив и не разбраа, што им беше речено.

35. А кога се приближи до Ерихон, некој слепец седеше покрај патот и просеше.

36. А кога чу дека поминува народ, праша што е тоа?

37. И му рекоа дека минува Исус Назареецот,

38. и тој извика, велејќи: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!”

39. А оние, кои одеа напред, го прекоруваа за да молчи. Но тој викаше уште повеќе: „Исусе, Давидов Сине, смилувај ми се!”

40. И Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога се приближи го праша:

41. ”Што сакаш да ти сторам?” А тој рече: „Господи - да прогледам!”

42. Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те спаси.”

43. И тој прогледа веднаш и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сите луѓе, кои го видоа тоа, Му воздадоа слава на Бога.