поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 6 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Се случи во втората главна сабота, да минува низ посевите, а Неговите ученици кинеа класје, го триеја со рацете и јадеа.

2. А некои од фарисеите рекоа: „Зошто го правите тоа, што не е дозволено да се прави во саботни денови?”

3. Исус одговори и им рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога огладне тој и тие, кои беа со него?

4. И како влезе во Божјиот Дом, ги зеде поставените лебови и јаде, им даде и на оние, кои беа со него, што никому не е дозволено да ги јадат, а само свештениците.

5. И им рече: „Човечкиот Син е Господар и на саботата.”

6. А во една друга сабота влезе во синагогата и поучуваше, а таму имаше и еден човек, чија десна рака беше исушена.

7. А книжниците и фарисеите Го набљудуваа - дали ќе лекува во сабота - за да можат да Го обвинат.

8. А Тој ги знаеше нивните мисли и му рече на човекот со исушената рака: „Стани и исправи се на средина!” И стана и се исправи.

9. А Исус им рече: „Ве прашувам вас: што е дозволено да се прави во сабота: добро или зло? Да се спаси живот или да се погуби?”

10. И ги изгледа сите наоколу и му рече: „Протегни ја раката!” А тој направи така, и раката му стана здрава како другата.

11. А тие се исполнија со безумна јарост и се договараа меѓу себе што би можеле да Му направат на Исуса.

12. Во тие дни се искачи на гората, за да се моли; и ја помина ноќта, молејќи Му се на Бога.

13. А кога се раздени, ги повика Своите ученици и од нив избра Дванаесетмина, кои и ги нарече апостоли:

14. Симон, кого го нарече и Петар, и брата му Андреја; Јакова и Јована; Филипа и Вартоломеја;

15. Матеја и Тома; Јакова Алфеев и Симона, наречен Зилот;

16. Јуда Јаковов и Јуда Искариотски кој стана и предавник.

17. И кога слезе, заедно со нив, и застана на едно рамно место, и множество Негови ученици и множество народ од цела Јудеја и од Ерусалим, од Тирското и Сидонското приморје,

18. кои дојдоа да Го чујат и да се исцелат од своите болести, и оздравуваа и оние, кои беа измачувани од нечисти духови.

19. И целиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.

20. И Тој ги подигна Своите очи кон Своите ученици и рече: „Блажени сте вие бедните, зашто е ваше Божјото Царство!

21. Блажени сте вие, кои гладувате сега, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои плачете сега, зашто ќе се смеете!

22. Блажени сте кога луѓето ќе ве замразат, и кога ќе ве одделат и ве похулат и го исфрлат вашето име како лошо, заради Човечкиот Син!

23. Радувајте се во тој ден и ликувајте, зашто ете, голема е вашата награда на небото. Зашто нивните татковци им правеа исто така на пророците.

24. Но, горко вам богати, зашто ја примивте својата утеха.

25. Горко вам, кои сте сити сега, зашто ќе гладувате. Горко вам, кои се смеете сега, зашто ќе жалите и ќе плачете.

26. Горко вам, кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас; зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци.

27. Но, на вас - кои слушате - ви велам: „Љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние, кои ве мразат.

28. Благословувајте ги оние, кои ве колнат; молете се за оние, кои ве навредуваат.

29. На оној, кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот; и на тој, кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај ни кошулата.

30. Дај му на секој, кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној, кој зема од тебе.

31. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним.

32. И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив.

33. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото.

34. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку.

35. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сèвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.

36. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив.

37. И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено!

38. Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.”

39. А им кажа и парабола: „Може ли слепец да води слепец? Зар не ќе паднат обајцата во јама?

40. Нема ученик над својот учител, секој кој ќе се усоврши ќе биде како Неговиот учител.

41. А зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око?

42. Како можеш да му речеш на брата си: ‘Брате, остави ме да ја извадам раската од твоето око!’ А сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!

43. Нема добро дрво што дава гнил плод; ниту гнило дрво што дава добар плод.

44. Зашто секое дрво се познава по својот род. Не се берат смокви од трње, ниту грозје од капина.

45. Добриот човек, од доброто сокровиште на своето срце, изнесува добро; а лошиот човек, од лошото сокровиште изнесува зло, зашто неговата уста зборува од она, што го преполнува неговото срце.

46. И зошто Ме нарекувате: ‘Господи! Господи!’ а не го правите она, што го велам?”

47. Секој кој доаѓа при Мене и ги слуша Моите зборови, и ги исполнува, ќе ви кажам кому му е сличен.

48. Сличен е на човек, кој гради куќа: ископал длабоко и поставил основи на камен, а кога стана наводнение реката се насочи кон куќата, но не можеше да ја помрдне, зашто беше добро изградена.

49. А кој слуша и не исполнува, приличи на човек, кој соѕидал куќа на земја, без основи. Реката се насочи кон неа, и таа се урна веднаш, и паѓањето на таа куќа беше големо.”