поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат своите дарови во благајната.

2. А виде и една бедна вдовица, како пушти таму две лепти,

3. и рече: „Вистина ви велам, беднава вдовица пушти повеќе од сите,

4. зашто сите овие приложија дар за Бога, од својот вишок; а таа од својата немаштија: пушти сè што имаше за живеење.”

5. И кога некои зборуваа за Храмот дека е украсен со убави камења и со заветни дарови, Тој им рече:

6. ”Ќе дојдат дни кога од ова што го гледате, не ќе остане ни камен на камен, што не ќе биде урнат!”

7. А тие Го прашаа, велејќи: „Учителе, кога ќе биде тоа, и каков е знакот, дека тоа ќе стане?”

8. Тој пак рече: „Внимавајте да не ве заведат, зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас сум’ и ‘времето приближило!’ Не одете по нив!

9. Кога ќе чуете за војни и буни, не плашете се! Зашто тоа треба прво да стане, но не е веднаш свршетокот!”

10. Тогаш им рече: „Ќе се подигне народ против народ и царство против царство;

11. ќе има големи земјотреси, а на разни места ќе има глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото.

12. Но пред сè тоа, ќе стават раце на вас и ќе ве гонат; ќе ве предаваат во синагогите и во темници; ќе ве водат пред цареви и управители заради Моето име.

13. Тоа ќе ви овозможи да сведочите.

14. И така, ставете си во своите срца, да не се подготвувате како ќе се браните,

15. зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да и се спротиват и да и противречат сите ваши непријатели.

16. А ќе ве предаваат и родителите, и браќата, и роднините и пријателите, и ќе убијат некои од вас;

17. и сите ќе ве мразат, заради Моето име.

18. Но вам нема да ви пропадне ни влакно од главата.

19. Со своето трпение ќе ги спасите своите души!”

20. ”А кога ќе го видите Ерусалим дека е опколен од војски, знајте дека е близу неговото запустување.

21. Тогаш оние, кои се во Јудеја нека бегаат во планините; а кои се во градот нека излезат надвор; а кои се во полето, нека не влегуваат во градот!

22. Зашто тоа се дни на одмазда, за да се исполни сè што е напишано!

23. Горко им на бремените и на доилките во тие дни, зашто ќе има голема неволја во земјата и гнев врз овој народ.

24. Ќе паѓаат од сечилото на мечот, и ќе ги одведуваат во ропство меѓу сите народи; а народите ќе го газат Ерусалим, додека не се исполнат времињата на народите.”

25. И ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите; а на земјата народите ќе бидат опфатени од страв и збунетост од бучењето и од морските бранови;

26. луѓето ќе примираат од страв, од исчекувањето на она, што ќе го најде светот, зашто небесните сили ќе се затресат.

27. И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облак со голема сила и слава.

28. А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и подигнете ги главите, зашто се приближи вашето избавување.”

29. Потоа им кажа парабола: „Погледајте ги смоквата и сите дрвја;

30. кога ќе видите дека развиваат, сами знаете дека летото е веќе близу.

31. Така и вие, кога ќе видите дека ова се збиднува, знајте дека Божјото Царство е близу!

32. Вистина ви велам, дека ова поколение нема да помине, додека сè ова не се збидне.

33. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.”

34. ”Но, внимавајте на себеси, вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, со животни грижи и да не ве затече ненадејно оној ден,

35. зашто како примка ќе дојде за сите кои живеат по целата земја.

36. Туку, бдејте и молете се во секое време, за да успеете да избегнете од сето ова што ќе настане, и да застанете пред Човечкиот Син.”

37. Дење поучуваше во Храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше на гората наречена Маслинова.

38. И сиот народ рано наутро доаѓаше при Него во Храмот, за да Го слуша.