поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И им рече на Своите ученици: „Не е можно да не дојдат соблазни, но горко на оној, преку кого доаѓаат!

2. Подобро би било за него да му биде обесен мелнички камен на вратот и да го фрлат во морето, отколку да соблазни еден од маливе.

3. Внимавајте на себе! Ако ти згреши твојот брат, укори го и прости му, ако се покае.

4. Ако и седумпати на ден, згреши против тебе и седумпати се обрати кон тебе и рече: ‘Се кајам!’- прости му!”

5. Апостолите Му рекоа на Господа: „Придај ни вера!”

6. А Господ рече: „Ако навистина имате вера колку синаповото зрно - ќе и речете на црницава: „Откорни се и пресади се во морето!” И таа би ве послушала.”

7. ”Кој од вас - ако има слуга - кој ора или го чува стадото, ќе му рече, кога ќе се врати од поле: „Дојди бргу и прилегни покрај трпезава!”

8. Нема ли да му каже: ‘Приготви ми нешто за вечера и препаши се, за да ми служиш додека јадам и пијам, а потоа и ти јади и пиј!’

9. Зар ќе му благодари на слугата, што ја исполнил заповедта?

10. Така и вие, кога исполнивте сè што ви е заповедано, речете: ‘Ние сме неполезни слуги; зашто го извршивме она, што бевме должни да го извршиме.’”

11. И кога одеше за Ерусалим, поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.

12. И кога влегуваше во едно село, го сретнаа десет лепрозни мажи, кои застанаа подалеку

13. и го поткренаа гласот, велејќи: „Исусе, Учителе, смилувај ни се!”

14. А кога ги виде, им рече: „Одете и покажете им се на свештениците!” И се очистија додека одеа.

15. А еден од нив, кога виде дека оздравел, се врати славејќи Го Бога гласно.

16. И падна на лице при Неговите нозе и Му благодари. А тој беше Самарјанец.

17. Тогаш Исус одговори и рече: „Зар не се очистија десетмина? Каде се уште деветте?

18. Не најдоа ли да се вратат и да Му благодарат на Бога, освен овој туѓинец!”

19. И му рече: „Стани и оди си, твојата вера те спаси!”

20. А кога фарисеите Го прашаа: „Кога ќе дојде Божјото Царство?” Тој им одговори и рече: „Божјото Царство не доаѓа така, за да може да се види;

21. ниту ќе се рече: ‘Еве го тука, или онаму!’ - зашто, ете, Божјото Царство е во вашата средина.

22. А на учениците им рече: „Ќе дојдат дни, кога ќе посакате да видите само еден ден од деновите на Човечкиот Син, и не ќе го видите.

23. И ќе ви зборуваат: ‘Еве Го тука!’ или ‘Ене Го онаму!’ Не одете таму и не трчајте по нив!

24. Зашто како што молњата, која светнува - од едниот крај под небото - и го осветлува другиот крај, така ќе биде Човечкиот Син во Својот Ден.

25. Но, прво Тој треба да претрпи многу и да биде отфрлен од ова поколение.

26. И како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Човечкиот Син:

27. јадеја, пиеја, се женеа и се мажеа, сè до денот кога Ное влезе во Ковчегот; и дојде потопот и ги уништи сите.

28. Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;

29. а во денот кога Лот излезе од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги уништи сите.

30. Исто така ќе биде во оној Ден, кога ќе се јави Човечкиот Син.

31. Во тој Ден, кој ќе биде на покривот, а неговата покуќнина е во домот, нека не слегува да ја земе! Исто така, кој ќе биде во полето, нека не се враќа кон останатите работи.

32. Спомнете си за Лотовата жена.

33. Кој сака да ја запази својата душа, ќе ја изгуби; а кој ќе ја изгуби, ќе ја запази.

34. Ви велам - во таа ноќ, двајца ќе бидат во една постела, едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен.

35. Две жени ќе мелат заедно, едната ќе биде однесена, а другата ќе биде оставена.

36. Двајца ќе бидат на нива, едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен.”

37. Тогаш проговорија и Му рекоа: „Каде Господи?” А Тој им рече: „Каде е трупот, таму ќе се собираат и орлите!”