поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И кога влезе во Ерихон, минуваше низ градот.

2. И ете, некој човек, по име Закхеј, кој беше началник на цариниците и богат,

3. сакаше да Го види Исуса, Кој е, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст.

4. И истрча напред, се качи на дива смоква за да Го види, зашто требаше да мине покрај неа.

5. И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закхеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!”

6. И слезе веднаш и Го прими на гости со радост.

7. А сите, кои го видоа тоа, почнаа да негодуваат и да зборуваат: „Дојде во куќа на грешен човек, да почине!”

8. Закхеј стана и Му рече на Господа: „Еве, Господи, половината од својот имот ќе ја дадам на сиромасите; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе вратам четворно.”

9. А Исус му рече: „Денес му дојде спасението на овој дом, зашто и тој е Авраамов син.

10. Зашто Човечкиот Син дојде да го бара и да го спаси изгубеното.”

11. И кога тие го слушаа тоа, им кажа една парабола, зашто беа близу до Ерусалим, а тие мислеа дека Божјото Царство ќе се појави веднаш.

12. И рече: „Некој благородник замина во далечна земја, за да прими царство за себе и да се врати.

13. Откако ги повика своите десет слуги, им даде десет сребреници и им рече: „Тргувајте додека се вратам!”

14. Но неговите граѓани го мразеа и испратија по него пратеници да кажат: „Нејќеме тој да царува над нас.”

15. А кога се врати, по примањето на царството - заповеда да му ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види кој колку спечалил.

16. Така, првиот дојде и рече: ‘Господару, твојот сребреник донесе десет сребреници.’

17. И му рече: ‘Убаво, добар слуго, зашто беше верен во нешто сосем мало, имај власт над десет градови.’

18. Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, донесе пет сребреници.’

19. Му рече и на овој: ‘И ти биди над пет градови!’

20. Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, што го чував во крпче,

21. зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш што не си оставил и жнееш што не си посеал!’

22. Му рече: ‘Зол слуго, ќе ти судам според твоите зборови. Знаеше дека сум строг човек, дека земам што не сум оставил и дека жнеам што не сум посеал;

23. зашто тогаш не ги вложи моите сребреници при трговците, и јас по доаѓањето ќе ги примев со добивка?’

24. А на оние, кои беа присутни им рече: ‘Одземете му го сребреникот и дајте му го на оној, кој има десет!’

25. Тогаш му рекоа: ‘Господаре, тој има десет!’

26. Ви велам, дека ќе му се даде на секој, кој има; а на оној, кој нема ќе му се одземе и она што има.

27. А оние мои непријатели, кои не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука и исечете ги пред мене!”

28. А кога го рече тоа, тргна натаму, одејќи горе во Ерусалим.

29. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Маслинова, испрати два ученика

30. и им рече: „Одете во селоно, што е спроти вас! И кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано осле, на кое никој од луѓето никогаш не седнал; и одврзете го и доведете го.

31. И ако некој ве праша: ‘Зошто го одврзавте?’ - речете му вака: ‘На Господа Му е потребно.’

32. А испратените отидоа и најдоа како што им рече;

33. и кога го одврзуваа ослето, неговите стопани им рекоа: „Зошто го одврзувате ослето?”

34. А тие рекоа: „На Господа Му е потребно!”

35. И го доведоа пред Исуса и ги ставија врз ослето своите облеки, и Го кренаа Исуса.

36. А кога одеше, ги постилаа своите облеки по патот.

37. И кога веќе наближуваше до стрмнината на Маслиновата Гора, целото множество ученици почна радосно и гласно да Го прославува Бога, за сите чудеса што ги видоа,

38. велејќи: „Благословен е Царот, Кој доаѓа во Господово име! Мир на небото и слава на висините!”

39. А некои од фарисеите, меѓу народот, Му рекоа: „Учителе, забрани им на Твоите ученици!”

40. Тој одговори: „Ви велам, ако овие замолчат, камењата ќе викаат.”

41. А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и

42. рече: „Кога и ти би узнал, дури барем во овој твој ден, што е за твојот мир! Но сега е сокриено од твоите очи.

43. Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни.

44. И ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; и не ќе остане, во тебе, ни камен на камен, зашто не го позна времето кога беше посетен!”

45. И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува продавачите,

46. велејќи им: „Напишано е: ‘Мојот Дом да биде Дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.’

47. И поучуваше секој ден во Храмот. А свештеничките главатари, книжниците и народните првенци гледаа да Го погубат.

48. Но не најдоа што да сторат, зашто сиот народ Го слушаше неотстапно.