поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 7 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога ги сврши сите Свои зборови, во ушите на народот, влезе во Капернаум.

2. А слугата на еден стотник - кого тој го почитуваше - беше болен на умирање.

3. И кога чу за Исуса, испрати при Него јудејски старешини, за да Го замолат да дојде и да му го излекува слугата.

4. А кога стигнаа при Исуса, Го молеа усрдно, велејќи: „Заслужува да го направиш тоа за него,

5. зашто го љуби нашиот народ. И синагога ни изгради.”

6. Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му речат: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.

7. Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави!

8. Зашто исто и јас сум човек под власт, и имам потчинети војници; и на едниот му велам: ‘Оди!’ и тој оди; а на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и го прави.”

9. Кога го чу тоа, Исус се зачуди и се заврте кон народот, што врвеше по Него и рече: „Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.”

10. И кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав.

11. Потоа Исус отиде во градот наречен Наин; а со Него одеа Неговите ученици и големо множество.

12. А кога се приближи до градската врата, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица и со неа имаше големо множество од градот.

13. А кога Господ ја виде, се сожали на неа и и рече: „Не плачи!”

14. Тогаш се приближи и го допре носилото - носителите пак застанаа - и рече: „Момче, тебе ти зборувам, стани!”

15. Мртвиот седна и почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му.

16. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас” и „Бог го посети Својот народ.”

17. И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.

18. Му соопштија на Јована за сè тоа неговите ученици.

19. А Јован повика двајца свои ученици и ги испрати при Господа да Го прашаат: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде или да чекаме друг?”

20. Кога овие мажи дојдоа при Него, рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да чекаме друг?”

21. Во тој час исцели мнозина од болести, маки и зли духови, и на мнозина слепци им подари вид.

22. Тогаш ним им одговори: „Одете и раскажете му на Јована што видовте и чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат, лепрозните се очистуваат, глувите прослушуваат, мртвите стануваат и на бедните им се проповеда Евангелието;

23. и блажен е оној, кој не ќе се соблазни во Мене!”

24. А кога Јовановите пратеници си отидоа, почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што ветерот ја лулее?

25. Или, што излеговте да видите? Човек облечен во меки облеки? Ете, луѓето, кои носат сјајни облеки и живеат раскошно, се во царските дворци.

26. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам и повеќе од пророк!

27. Тој е оној, за кого е пишано: „Ете, го праќам Мојот Ангел пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе!”

28. Ви велам: меѓу родените од жени никој пророк не е поголем од Јована; но најмалиот во Божјото Царство е поголем од него.”

29. И сиот народ, кој чу - и цариниците - ја признаа Божјата правда, зашто беа крстени со Јовановото крштавање.

30. А фарисеите и закониците го отфрлија она, што Бог сакаше да направи со нив, и не го примија неговото крштавање.

31. А со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? Кому му се слични?

32. Тие се како децата, кои седат по пазариштата и си викаат едни на други: ‘Ви свиревме и не игравте! Ридавме и не плачевте!’

33. Зашто дојде Јован Крстител, ниту јаде леб, ниту пие вино, а велите: „Бес има!”

34. Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, а велите: „Ете, изедник и пијаница, пријател на цариниците и грешниците!

35. И ја оправдаа мудроста сите нејзини чеда!”

36. Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него. Тој влезе во фарисеевиот дом и прилегна до трпезата.

37. И ете, една жена од градот, која беше грешница, кога научи дека Тој е прилегнат до трпезата во фарисеевата куќа, донесе со себе алабастрен сад со миро,

38. и застана зад Неговите нозе плачејќи и почна да Му ги мие нозете со солзи, да ги брише со својата коса; и ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро.

39. И кога го виде тоа фарисејот, кој Го повика, рече во себеси: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, која се допира до Него: дека е грешница.”

40. А Исус пак му одговори и рече: „Симоне, имам да ти кажам нешто.” А тој: „Учителе, кажи!”

41. Рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавач; едниот му должеше пет стотини динарии, а другиот педесет.

42. А бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на двајцата. И така, кој од нив ќе го возљуби повеќе?”

43. Симон одговори: „Мислам оној кому повеќе му подарил.” А Тој му рече: „ Право пресуди!”

44. И кога се заврте кон жената му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти не ми даде вода за нозе, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги истри.

45. Ти не ми даде целив, а таа откако влегов, не прекратува да Ми ги целива нозете.

46. Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа Ми ги помаза нозете со миро.

47. Затоа, ти велам, простени и се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку се простува - малку љуби.”

48. А нејзе и рече: „Простени ти се гревовите.”

49. А тие, кои беа заедно покрај трпезата, почнаа да зборуваат во себе: „Кој е Овој, Кој и гревови проштава?”

50. А на жената и рече: „Твојата вера те спаси! Оди си со мир!”