поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 3 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А во петнаесеттата година од владеењето на царот Тибериј, кога Понтие Пилат беше управител на Јудеја, и Ирод четворовласник на Галилеја, а неговиот брат Филип четворовласник на Итуреја и Трахонитида, а Лисание - четворовласник на Авилинија;

2. при Ана и Кајафа, првосвештеници, Божјото слово дојде до Јована, синот Захариев, во пустината.

3. И тој одеше по целата страна околу Јордан и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите,

4. како што е напишано во книгата со зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Глас на еден, кој вика во пустината: ‘Пригответе пат за Господа, израмнете ги Неговите патеки!

5. Нека се исполни секоја долина, и секоја гора и секое ритче нека се снизат; кривите ќе станат прави, а нерамните места нека бидат глатки!

6. И секое тело ќе го види Божјото Спасение!’

7. На множеството пак, кое доаѓаше да биде крстено од него, му велеше: „Змиини породи! Кој ве предупреди од гневот што иде?

8. Донесете плодови достојни за покајание и не зборувајте сега во себеси: ‘Го имаме Авраама за татко!’ Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да му издигне деца на Авраама.

9. А и секирата веќе лежи при коренот на дрвјата. Затоа, секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.”

10. А народот го праша: „Тогаш, што да правиме?”

11. А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној кој нема; и кој има храна нека го прави истото!”

12. Дојдоа и цариниците да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да правиме ние?”

13. Тој им рече: „Не барајте ништо повеќе од она, што ви е определено!”

14. Го прашаа и војниците: „Што да правиме ние?” И им рече: „Не измачувајте никого и не клеветете, и бидете задоволни со своите плати!”

15. А бидејќи луѓето беа во недоумица и сите размислуваа во своите срца за Јована - да не е тој Христос,

16. Јован им одговори на сите: „Јас ве крштавам во вода; но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да го одврзам ременот на Неговите обувки; Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган.

17. Во Неговата рака е лопатата, за да го очисти Своето гумно и за да ја собере пченицата во Својата житница; а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.”

18. И така му го проповедаше Евангелието на народот, напомнувајќи и многу други нешта.

19. А четворовласникот Ирод, кого тој го укори заради Иродијада, сопругата на Филипа, брата му, и заради сите зли дела, што ги направил Ирод,

20. кон сите нив го додаде уште ова: го затвори Јована во темница.

21. Кога се крсти сиот народ - се крсти и Исус и кога се молеше - небото се отвори,

22. и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб, и се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата милина.”

23. А Тој - Исус имаше околу триесет години, кога почна да проповеда и беше - како што мислеа - син Јосифов, Илиев,

24. Мататов, Левиин, Мелхиев, Јанаев, Јосифов,

25. Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нангеев,

26. Матов, Мататиев, Семеинов, Јосифов, Јудин,

27. Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатилов, Нириев,

28. Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров,

29. Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиин,

30. Симеонов, Јудин, Јосифов, Јонанов, Елијакимов,

31. Мелаев, Маинанов, Мататиев, Натанов, Давидов,

32. Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Насанов,

33. Аминададов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин,

34. Јаковов, Исаков, Авраамов Тарин, Нахоров,

35. Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин,

36. Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов,

37. Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов,

38. Еносов, Ситов, Адамов, Божји.