поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И еден ден, кога го поучуваше народот во Храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија свештеничките главатари и книжниците, со старешините,

2. и Му рекоа: „Кажи ни со каква власт го правиш тоа? Или, Кој е тој, што Ти ја даде таа власт?”

3. А Тој во одговор им рече: „И Јас ќе ви поставам едно прашање и кажете ми:

4. Јовановото крштавање од небото ли беше, или од луѓето?”

5. А тие размислуваа меѓу себе, велејќи: „Ако речеме: ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто тогаш не му верувавте?’

6. Ако речеме - ‘од луѓето’ - сиот народ ќе не убие со камења, зашто е уверен дека Јован е пророк.”

7. И одговорија дека не знаат од каде е.

8. А Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова.”

9. И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Некој човек насади лозје, и го даде под наем на земјоделци, и си отиде на подолго време.

10. А кога дојде време, испрати свој слуга при земјоделците, за да му дадат од плодовите на лозјето. Земјоделците го натепаа и го испратија назад празен.

11. И пак испрати друг слуга, а тие го натепаа и него, го засрамија и го испратија празен.

12. Испрати и трет, а тие и него го ранија и го исфрлија.

13. Тогаш господарот на лозјето рече: „Што да правам? Ќе го испратам својот возљубен син. Можеби од него ќе се засрамат.

14. А кога земјоделците го видоа, почнаа да размислуваат меѓу себе: „Овој е наследникот! Да го убиеме, за да биде наследството наше!”

15. И го исфрлија надвор од лозјето и го убија. И така, што ќе им направи господарот на лозјето?

16. Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе им го даде на други.” А кога тие го чуја тоа, рекоа: „Да не биде!”

17. А Тој ги погледна и рече: „Тогаш, што значи ова што е напишано: „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот?

18. Секој, кој ќе падне врз овој камен, ќе се разбие, а врз кого ќе падне тој, ќе го сотре.”

19. И во истиот час книжниците и свештеничките главатари гледаа да стават рака врз Него, но се плашеа од народот. Имено разбраа дека за нив ја раскажа оваа парабола.

20. И набљудувајќи Го Му испратија луѓе, кои се правеа праведни, за да Го фатат во некој збор и да им го предадат на началството и на власта на управителот.

21. И Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш; и не гледаш кој е кој, туку според вистината поучуваш по Божјиот пат.

22. Дали е дозволено да даваме данок на ќесарот или не?”

23. Тој пак го разбра нивното лукавство и рече:

24. ”Покажете ми денариј! Чиј образ и натпис има?” Тие рекоа: „Ќесарев!”

25. А Тој им рече: „Тогаш, дајте му го ќесаровото на ќесара, а Божјото на Бога!”

26. И не можеа да Го фатат во збор пред народот; и замолкнаа зачудени од Неговиот одговор.

27. Тогаш се приближија некои од садукеите, кои тврдат дека нема воскресение, и Го прашаа, велејќи:

28. ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре оженет брат, а е без деца, брат му нека ја земе жената и му подигне потомство на брата си.”

29. Беа седуммина браќа. Првиот се ожени и умре без деца;

30. и вториот,

31. и третиот ја зеде, и така сите седуммина. И умреа и не оставија деца.

32. Најпосле умре и жената.

33. И така: при воскресението, кому од нив ќе му припадне жената како жена, зашто сите седуммина ја имале за жена?”

34. А Исус им одговори: „Децата на овој век се женат и мажат,

35. а кои ќе се удостојат да го добијат оној век и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат.

36. Тие не ќе можат веќе ни да умрат, зашто се како ангелите; и Божји синови се, зашто се синови на воскресението.

37. А дека мртвите стануваат, тоа и Мојсеј го кажа на местото при капината, каде Го нарече Господа: „Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.”

38. А Бог не е на мртвите, туку на живите; зашто во Него сите се живи.”

39. А некои од книжниците во одговор рекоа: „Учителе, добро рече!”

40. И не се осмелија веќе да Го прашаат за нешто.

41. Тогаш им рече: „Како велат дека Христос е Давидов Син?

42. Зашто самиот Давид вели во свитокот на псалмите: „Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седи оддесно Мене,

43. додека ги положам Твоите непријатели, за подножје на Твоите нозе!’

44. И така, Давид Го наречува Господ; како Му е тогаш Син?”

45. И додека целиот народ Го слушаше, Тој им рече на Своите ученици:

46. ”Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки, на кои им се мили: поздравите на јавни места; првите места во синагогите и челните места на гозбите!

47. Кои ги изедуваат домовите на вдовиците, и лажно се молат долго. Тие ќе добијат поголема пресуда!”