поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 4 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А Исус исполнет со Светиот Дух, се врати од Јордан, и Духот Го водеше во пустината

2. четириесет дена, каде беше искушуван од ѓаволот. А во тие дни не јадеше ништо, а кога поминаа тие, Тој огладне.

3. Тогаш ѓаволот Му рече: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.”

4. А Исус му одговори: „Напишано е, дека човекот не ќе живее само со леб.”

5. И го одведе на високо и Му ги покажа, во еден миг, сите царства на светот

6. и Му рече ѓаволот: „Ќе ти ја дадам сета власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена и јас ја давам кому што сакам.

7. И така, ако ми се поклониш, сè ќе биде Твое.”

8. А Исус одговори и му рече: „Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‘Поклонувај Му се на Господа, Твојот Бог, и само Нему служи Му!’

9. И Го одведе во Ерусалим и Го постави на врвот на Храмот и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се оттука долу,

10. зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, да Те запазат

11. и ќе Те носат на раце, за да не си ја сопнеш Твојата нога на камен.’

12. Исус одговори и му рече: „Кажано е: ‘Не искушувај Го Господа, Својот Бог.’”

13. И откако го заврши секое искушение, ѓаволот отстапи од Него за некое време.

14. И Исус се врати, во силата на Духот, во Галилеја и гласот за Него се разнесе по целата околина.

15. А Тој поучуваше по нивните синагоги и сите Го прославуваа.

16. И дојде во Назарет, каде што беше пораснал; влезе во саботен ден во синагогата, според Својот обичај, и стана да чита.

17. Му го подадоа книжниот свиток на пророкот Исаија и го одвитка и го најде местото каде што беше напишано:

18. ”Господовиот Дух е на Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце,

19. да им навестам на заробениците, дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените; и да ја навестам благопријатната Господова година.”

20. Го завитка свитокот, му го врати на службеникот и седна, а очите на сите во синагогата беа свртени кон Него.

21. И почна да им зборува: „Денес се исполни ова писмо, во вашите уши.

22. И сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните зборови, што излегуваа од Неговата уста. И велеа: „Не е ли Овој Синот Јосифов?”

23. И им рече: „Секако ќе ми ја кажете пословицава: ‘Лекаре, излечи се сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум.”

24. Тогаш им рече: „ Вистина ви велам, дека ниеден пророк не е примен во својата родина.

25. Вистина ви велам - имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и настана голема глад по целата земја;

26. и при ниедна од нив не беше пратен Илија, а само при жената вдовица во Сидонската Сарепта.

27. Исто имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен освен Сириецот Нааман.”

28. А кога го чуја тоа, сите во синагогата се наполнија со гнев

29. и станаа, и Го истераа од градот, и Го одведоа до стрмнината, на која беше соѕидан нивниот град, за да Го фрлат долу.

30. Но Тој помина меѓу нив и си отиде.

31. И слезе во Капернаум, град во Галилеја. И ги поучуваше во сабота.

32. И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно.

33. А во синагогата имаше човек опфатен од дух на нечист бес; тој извика со силен глас:

34. ”Ех, што имаме ние со Тебе - Исусе Назареецу? Дали дојде да нè упропастиш? Знам, Кој си Ти: Божји Светец.”

35. А Исус го прекоруваше, велејќи: „Молкни и излези од него!” Тогаш бесот го кутна на средина и излезе од него, и ништо не му напакости.

36. И сите се исплашија и си велеа еден на друг: „Какво е тоа слово, да со власт и со сила им заповеда на нечистите духови и излегуваат?”

37. И се разнесе глас за Него по сите околни места.

38. И стана од синагогата, влезе во Симоновиот дом. А Симоновата тешта беше опфатена од силна треска и Го помолија за неа.

39. И се наведна кон неа, и запрети на треската, и таа ја остави, и стана веднаш и им служеше.

40. А кога сонцето зајде, сите, кои имаа болни од разни болести ги доведоа при Него. А Тој ги положи рацете на секого од нив и ги исцели.

41. И лоши духови излегуваа од мнозина и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син.” А Тој ги прекори и не им дозволуваше да зборуваат, зашто знаеја дека Тој е Христос.

42. А кога се раздени, Тој излезе и отиде на пусто место, а народот Го бараше и дојдоа до Него, и сакаа да Го задржат, за да не си отиде од нив.

43. А Тој им рече: „И на другите градови треба да им го проповедам Евангелието за Божјото Царство, зашто Сум испратен за тоа.”

44. И проповедаше по синагогите во земјата Јудејска.