поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Лука 11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога се молеше на едно место и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нè да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици!”

2. А Тој им рече: „Кога се молите - говорите: „Татко наш, Кој си на небесата, да се свети Твоето име! Да дојде Твоето Царство! Да биде Твојата волја како на небото, така и на земјата!

3. Нашиот насушен леб, давај ни го секој ден!

4. Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој должник! И не нè воведувај во искушение, но избави не од злото!”

5. И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, и му рече: „Пријателе, дај ми на заем три леба,

6. зашто ми дојде пријател од пат, а немам што да ставам пред него!”

7. А оној одвнатре да му одговори: ‘Не ме обеспокојувај, вратата е веќе затворена, а моите деца се со мене во постелата, не можам да станам и да ти дадам,’

8. ви велам, ако и не би станал да му даде, затоа што му е пријател, ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба.

9. И Јас ви велам: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!

10. Зашто секој, кој моли - прима; и кој бара - наоѓа; а на оној, кој чука - ќе му се отвори.

11. И кој е оној татко, меѓу вас, кој ќе му даде на сина си камен - ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба - змија?

12. Или ако побара јајце - да му даде скорпија?

13. И така, ако вие, кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им даде Свети Дух на оние, кои Го молат?”

14. И еднаш истеруваше лош дух, кој беше нем. А кога нечистиот дух излезе, немиот проговори, а множеството се зачуди.

15. А некои од нив рекоа: „Тој ги изгонува нечистите духови со помош на Велзевул, началникот на бесовите.

16. Другите пак го искушуваа и бараа од Него знак од небото.

17. А Тој ги знаеше нивните мисли и им рече: „Секое царство, ако се раздели во себеси, ќе запусти, и домот против дом - паѓа.

18. И ако сатаната се разделил против себеси, како ќе се одржи неговото царство? Зашто вие велите дека ги изгонувам демоните со помош на Велзевула,

19. И ако Јас, пак, ги изгонувам демоните преку Велзевула, со чија помош ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии.

20. Но ако Јас ги изгонувам нечистите духови со Божјиот прст, значи дека Божјото Царство дошло при вас.

21. Кога силниот, вооружен човек, го чува својот двор, неговиот имот е во сигурност.

22. Но кога ќе дојде посилен од него и го совлада, му го одзема оружјето, на кое се надевал, и ќе го раздели ограбеното од него.

23. Кој не е со Мене, тој е против Мене и кој не собира со Мене, тој растура!

24. Кога нечист дух ќе излезе од човекот, тој скита по безводни места и бара спокојство. И кога не ќе го најде, вели: ‘Ќе се вратам во својот дом, од каде излегов.’

25. И кога ќе дојде, го наоѓа изметен и среден.

26. Тогаш оди и зема седум други демони, полоши од себе, па кога ќе влезат - живеат таму и последната состојба на оној човек станува полоша од првата.”

27. А кога го зборуваше тоа, една жена од множеството извика: „Блажена е утробата, која Те носела; и градите од кои си се хранел.”

28. А Тој рече: „Уште повеќе се блажени оние, кои го слушаат Божјото слово и го пазат.”

29. А кога народот се собираше, почна да зборува: „Ова поколение е лошо поколение; бара знак, но нема да му биде даден, освен знакот на Јона.

30. Имено, како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Човечкиот Син ќе биде за овој род.

31. Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука е поголем од Соломона!

32. Ниневијците ќе се јават на суд со овој род и ќе го осудат, зашто се покајаа од Јонината проповед, а ете, тука е поголем од Јона!

33. Никој не става запалено светило во сокриено место или под вршник, туку на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат.

34. Светило на телото е твоето око. Ако твоето око е бистро - целото твое тело е осветлено; ако пак е зло, во мрак е и твоето тело.

35. Затоа внимавај светлината што е во тебе - да не биде темнина!

36. Ако целото твое тело е осветлено, без да има темен дел, тоа ќе биде целото осветлено, како кога светилката те осветлува со своето светење.”

37. И додека Тој зборуваше, еден фарисеј Го помоли да руча кај него; Тој влезе и седна.

38. А штом фарисејот го виде тоа, се зачуди зашто Тој не се изми пред јадење.

39. А Господ му рече: „Да, вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и лукавство.

40. Неразумници! Зар Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде и внатрешноста?

41. Туку, дајте го како милостина тоа што е внатре, и ете, сè ќе ви биде чисто.

42. Но, горко ви вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате праведноста и Божјата љубов! Ова требаше да го правите, а она, да не го оставате.

43. Горко ви вам, фарисеи, зашто ги сакате првите седишта во синагогите и поздравите по пазарите.

44. Горко ви вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, така што луѓето кои одат преку нив, не знаат.”

45. Тогаш еден законоучител Му одговори и рече: „Учителе, кога го зборуваш тоа, и нас нè навредуваш.”

46. Тој пак им рече: „Горко ви вам - законици, зашто ги натоварувате луѓето со бремиња, што тешко се носат, а вие самите ни со еден прст не се допирате до бремињата.

47. Горко ви вам, зашто им градите надгробни споменици на пророците, а вашите татковци ги убија!

48. И така вие сведочите за делата на своите татковци и се согласувате со нив; зашто тие и ги убија, а вие им градите гробници.

49. Затоа и Божјата мудрост рече: „Ќе им испратам пророци и апостоли и ќе убијат едни од нив, а други ќе гонат,

50. за да се побара од ова поколение крвта на сите пророци пролеана од создавањето на светот:

51. од крвта на Авела до крвта на Захарија, кој загина меѓу жртвеникот и светилиштето. Да, ви велам, ќе се бара од ова поколение.

52. Горко ви вам, законици, зашто го зедовте клучот од знаењето - сами не влеговте, а им попречивте на оние, кои сакаа да влезат.”

53. А кога излезе оттаму, книжниците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го испитуваат за многу нешта,

54. дебнејќи Го за да уловат нешто од Неговата уста.