поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во тие дни, кога пак се собра големо множество и немаа што да јадат, ги повика Своите ученици и им рече:

2. ”Жал ми е за народот, зашто веќе три дни се постојано покрај Мене и нема што да јадат.

3. Ако ги распуштам гладни по нивните куќи, ќе премалеат по патот, зашто некои од нив се дојдени оддалеку.”

4. И Неговите ученици Му одговорија: „Откаде може некој да ги насити со лебови, тука во пустината?”

5. И ги праша: „Колку лебови имате?” А тие рекоа: „Седум”.

6. Тогаш му заповеда на народот да прилегне на земјата. И ги зеде седумте лебови, заблагодари и ги раскрши, и им даваше на Своите ученици да ги стават, и тие ги ставија пред множеството.

7. Имаа и малку рипчиња. И кога ги благослови, заповеда да ги стават и нив.

8. И јадеа и се наситија, и дигнаа седум кошници останати парчиња.

9. А беа околу четири илјади; и ги распушти.

10. И веднаш влезе во кораб со Своите ученици, и дојде во околината на Далманута.

11. И фарисеите излегоа и почнаа да се препираат со Него, барајќи од Него знак од небото, да Го искушаат.

12. А Тој воздивна, со својот дух и рече: „Зошто ова поколение бара знак? Вистина ви велам, нема да му се даде знак на овој род.”

13. И ги остави пак, влезе во коработ и премина на другата страна.

14. И заборавија да земат леб, и имаа само еден леб со себе во коработ.

15. И им заповеда, велејќи; „Гледајте! Чувајте се од фарисејскиот квас и од квасот Иродов!”

16. Тие пак размислуваа меѓу себе: „Бидејќи немаме леб!”

17. А Исус кога го разбра тоа им рече: „Зошто мислите дека немате леб? Уште ли не разбирате и не сфаќате? Скаменето ли е вашето срце?

18. Очи имате, а не гледате? Уши имате, а не слушате?

19. И не си спомнувате ли, кога ги раскршив петте лебови на пет илјади, колку кошници полни со залаци кренавте?” Му рекоа: „Дванаесет.”

20. Кога раскршив седум лебови на четири илјади, колку кошници полни со залаци кренавте?” Рекоа: „Седум”.

21. И им рече: „Уште ли не разбирате?”

22. И дојдоа во Витсаида. И Му доведоа еден слеп и Го молеа да го допре.

23. Тој го фати слепецот за рака, го изведе надвор од селото и му плукна во очите; ги положи рацете на него и го праша: „Гледаш ли нешто?”

24. Ги подигна очите и рече: „Гледам луѓе како одат - ги гледам како дрва.”

25. Потоа пак ги положи рацете на неговите очи, и прогледа и оздраве, и гледаше сè јасно.

26. И го испрати во неговиот дом, велејќи: „Не влегувај во селото, и никому не раскажувај!”

27. И излезе Исус, со Своите ученици, по селата на Кесарија Филипова; а патем ги прашуваше Своите ученици, велејќи им: „Што велат луѓето, Кој Сум Јас?”

28. Тие Му рекоа: „Јован Крстител, други велат Илија; а трети - дека си еден од пророците.”

29. Но Тој ги праша: „А вие за Кого Ме сметате?” Петар во одговор Му рече: „Ти си Христос”.

30. И им забрани никому да не зборуваат за Него.

31. И почна да ги учи дека Човечкиот Син треба да пострада многу и да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците; дека ќе Го убијат и дека по три дни ќе воскресне.

32. И тоа го зборуваше отворено. А Петар Го зеде насамо и почна да Го укорува.

33. Но Тој се заврте и ги погледна Своите ученици, го укори Петра и рече: „Оди си од Мене, сатано, зашто ти не мислиш за она што е Божјо, туку за она што е човечко.”

34. И го повика народот, заедно со Своите ученици и им рече: „Кој сака да дојде по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека оди по Мене.

35. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене и Евангелието, ќе ја спаси.

36. Зашто, што му користи на човекот, ако го добие целиот свет, а на својата душа и напакости!

37. Зашто, што може човекот да даде во замена за својата душа?

38. Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови во овој прељубодеен и грешен род, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Татко, со светите ангели.”