поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!”

2. А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат.

3. И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо:

4. ”Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сè тоа ќе се исполни?”

5. А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами!

6. Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина.

7. Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток;

8. зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.”

9. ”Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво.

10. Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи.

11. А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух.

12. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко - чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.

13. И сите ќе ве мразат заради Мене, а кој претрпи до крај, тој ќе се спаси.

14. А кога ќе видите дека ‘мерзоста на запустението’ како што рече пророкот Даниел, да стои, каде што не треба - кој чита, нека разбере! - тогаш оние, кои се во Јудеја, нека бегаат по горите!

15. Кој е на покривот, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа;

16. а кој е во полето, нека не се враќа да ја земе својата наметка.

17. Тешко им на трудните жени и на доилките во тие дни!

18. Молете се, тоа да не биде зиме!

19. Зашто во тие дни ќе има неволја каква немало од почетокот на Божјото создавање, па досега, и нема да биде.

20. И ако Господ не ги скрати тие дни, не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра, ги скрати дните.

21. И ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, тука е Христос! Ене, таму!’ не верувајте;

22. зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно.

23. А вие внимавајте! Ете, ви кажав сè однапред!”

24. ”Во тие дни - после тие неволји - сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,

25. ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се расклатат.

26. И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците, со голема сила и слава.

27. И тогаш, Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.”

28. А од смоквата научете ја приказната: кога нејзината гранка омекне и разлиста, знаете дека летото е близу.

29. Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека е близу - пред врата.

30. Вистина ви велам, ова поколение нема да помине, додека сè ова не се збидне.

31. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.

32. А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, а само Таткото.”

33. ”Внимавајте, бдејте! Зашто не знаете, кога ќе биде времето!

34. Како човек, кој - тргнувајќи на пат - ја остави својата куќа и ги овласти своите слуги, секому му ја одреди неговата работа, а на вратарот му нареди да бдее.

35. И така: бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер ли, или на полноќ, или кога петлите ќе пропеат, или наутро,

36. за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани.

37. А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!”