поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје; го загради со плет; ископа точилница; изгради кула, и им го даде под наем на земјоделците, и замина.

2. А во време на плод, испрати слуга кај земјоделците, да прими од земјоделците дел од плодот на лозјето.

3. Но тие го фатија, го претепаа и го пуштија со празни раце.

4. И пак им испрати друг слуга; и нему каменувајќи го, го погодија по глава и го отпуштија навреден.

5. Испрати и друг, а него го убија; и мнозина други: едни претепаа, а други убија.

6. Имаше уште еден: возљубениот син. Него го испрати последен при нив, велејќи: ‘Ќе го почитуваат мојот син!’

7. Но, земјоделците си рекоа меѓу себе: ‘Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.’

8. И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.

9. И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе го даде на други.

10. Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот;

11. тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи’!”

12. И бараа да Го фатат, но се плашеа од народот; зашто разбраа дека за нив ја кажа таа парабола. И Го оставија и си отидоа.

13. Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат во збор.

14. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето, туку според вистината учиш за Божјиот пат. Дали е дозволено да се даде данок на царот или не е? Да даваме ли или да не даваме?”

15. А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете ми денариј да го видам!”

16. А тие Му донесоа. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Тие пак рекоа: „На царот.”

17. Исус им рече: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.” И Му се чудеа.

18. И дојдоа при Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:

19. ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре брат и остави жена, а не остави потомок; неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на брата си.”

20. Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок.

21. И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така.

22. И седуммината не оставија потомство. А по сите умре и жената.

23. По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена, зашто седуммината ја имаа за жена?”

24. Исус им рече: „Не се заблудувате ли, зашто не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила?

25. Зашто кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како небесните ангели.

26. А за мртвите - дека ќе воскреснат, не читавте ли во Мојсеевата книга, при капината, како Бог му рече: ‘Јас Сум Бог Авраамов, и Бог Исаков и Бог Јаковов’?

27. Тој не е Бог на мртвите, туку на живите! Многу се измамувате!”

28. И пристапи еден од книжниците, кој чу како се препираат, знаејќи дека им одговори добро, Го праша: „Која е прва од сите заповеди?”

29. Исус одговори: „Првата е: ‘Слушај Израеле - Господ, нашиот Бог - е единствен Господ,

30. и љуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила’!”

31. А оваа е втората: „Љуби го својот ближен како себеси!” Друга заповед, поголема од овие, нема.”

32. И книжникот Му рече: „Добро, Учителе, кажа според вистината дека Бог е Еден, и нема друг освен Него,

33. и да Го љубиш Него со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила; и да го љубиш ближниот како себеси, тоа е многу повеќе од сите паленици и жртви.”

34. А Исус кога виде дека одговори разумно - му рече: „ Не си далеку од Божјото Царство.” И никој повеќе не се осмели да Го праша.

35. И проговори Исус и зборуваше, поучувајќи во Храмот: „Како зборуваат книжниците дека Христос е Син Давидов?

36. Самиот Давид рече преку Светиот Дух: „Му рече Господ на мојот Господ: „Седи оддесно Мене, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе.”

37. Самиот Давид Го наречува ‘Господ’ - како може тогаш да му биде син?” И големо множество Го слушаше со задоволство.

38. И во Својата поука, рече: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат: да одат во долги облеки; и поздрави по трговиштата;

39. и први седишта во синагогите, и челни места на гозбите.

40. Кои ги изедуваат домовите на вдовиците; и преправајќи се, се молат долго - тие ќе бидат судени построго!”

41. И седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во ковчежето; и мнозина богати пуштаа многу.

42. И дојде една бедна вдовица и пушти внатре две лепти, односно еден кодрант.

43. Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: „Вистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите, кои пуштаа во ковчежето.

44. Зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштина - пушти сè што имаше: целиот свој имот.”