поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И дојдоа на другата страна на морето, во Гадаринскиот крај.

2. И кога излезе од коработ, веднаш му дојде во пресрет - од гробовите - човек со нечист дух.

3. Тој живееше во гробовите; никој не можеше веќе ни со окови да го врзе,

4. зашто многупати го ставаа во окови и вериги, но тој ги кинеше веригите и ги кршеше оковите, и никој не можеше да го скроти.

5. И постојано, ноќе и дење, беше во гробовите и по ридовите, викајќи и удирајќи се самиот со камења.

6. И кога Го виде Исуса оддалеку, дотрча, падна ничкум пред Него,

7. и извика со силен глас: „Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те заколнувам во Бога, на мачи ме!”

8. Зашто му рече: „Излези од човеков, нечисти душе!”

9. И го праша: „Како ти е името?” И Му рече: „Името ми е Легион, зашто сме мнозина.”

10. И го молеа многу да не ги истера од тој крај.

11. А таму, по ридот, пасеше големо стадо свињи.

12. И Го замолија сите демони, велејќи; „Прати нè во свињине, да влеземе во нив.”

13. И тукутака им дозволи и нечистите духови излегоа, и влегоа во свињите, и стадото - околу две илјади - се спушти по стрмнината во морето, и се удавија во морето.

14. А оние, кои ги пасеа, побегнаа и разгласија во градот и по селата, и дојдоа да видат што станало.

15. И кога дојдоа при Исуса и го видоа бесниот - во кого беше Легионот - како седи облечен и умен, се уплашија.

16. А оние, кои беа виделе, им раскажаа што се случи со бесниот и со свињите.

17. И почнаа да Го молат да си отиде од нивниот крај.

18. А кога влегуваше во коработ, оној кој беше фатен од бесовите, Му се молеше да биде со Него.

19. Но не му одобри, туку му рече: „Оди дома при своите, и раскажи им што ти направи Господ и како ти се смилува!”

20. И отиде и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус; и сите се восхитуваа.

21. И кога Исус пак премина со кораб на другата страна, многу народ се собра при Него, а Тој беше покрај морето.

22. И дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе.

23. И Го молеше многу, велејќи: „Мојата ќерка е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа - за да биде спасена и да живее!”

24. И отиде со него. И многу народ одеше по Него и Го притискаше.

25. И една жена, која страдаше од крвотечение дванаесет години,

26. и претрпела многу од мнозина лекари и си го потрошила целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и стана уште полошо;

27. откако чу за Исуса, дојде меѓу народот, одназад, и се допре до Неговата облека,

28. зашто си велеше: „Ако се допрам само и до Неговата облека, ќе се спасам!”

29. И веднаш и прекрати крвотечението и таа почувствува во телото дека е излекувана од болеста.

30. А Исус почувствува веднаш во Себе, дека сила излезе од Него, се сврте среде народот и рече: „Кој се допре до Мојата облека?”

31. Неговите ученици пак рекоа: „Гледаш дека народ Те притиска и велиш: ‘Кој се допре до Мене?’”

32. И Тој гледаше наоколу, за да види, кој го направи тоа.

33. А жената, уплашена и растреперена - зашто знаеше што стана со неа - дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина.

34. А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси! Оди си со мир и биди здрава од својата болест!”

35. Додека уште зборуваше, дојдоа од домот на началникот на синагогата и му рекоа: „Ќерка ти умре! Зошто Го измачуваш уште Учителот!”

36. А Исус, кога го чу зборот, што го рекоа, му рече на началникот на синагогата: „Не бој се! Само верувај!”

37. И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот Јаковов.

38. И дојдоа во куќата на началникот; и виде врева, дека плачеа и пиштеа многу,

39. и кога влезе им рече: „Зошто викате и плачете? Детето не е умрено, туку спие!”

40. И Му се потсмеваа. А Тој ги истера сите надвор, ги зеде: таткото на детето, и мајката и оние кои беа со Него, и влезе таму каде што беше детето.

41. И кога го фати детето за рака му рече: „Талита кум!”- што значи: „Девојче, Јас ти велам стани!”

42. И девојчето стана веднаш и одеше, зашто имаше дванаесет години. И веднаш се зачудија многу.

43. И им заповеда строго никој да не дознае за тоа, и рече да и дадат да јаде.