поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И стана оттаму и дојде во пределите на Јудеја, од онаа страна на Јордан; и пак народот Му се придружи, а Тој ги поучуваше, според Својот обичај.

2. И Му пристапија фарисеите и Го прашаа, за да Го искушуваат: „Дозволено ли му е на мажот, да ја остави жената?”

3. А Тој им одговори и рече: „Што ви заповеда Мојсеј?”

4. Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да и се напише разводно писмо и да се остави.”

5. Но Исус им рече: „Заради вашето кораво срце - тој ви ја напиша таа заповед.

6. Но, во почетокот на создавањето, Бог ги создаде: машко и женско.

7. Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до жена си;

8. и двајцата ќе бидат едно тело. И така, не се веќе две - а едно тело.

9. И така, Бог што соединил, човекот да не раздвојува.

10. И дома, учениците пак го прашаа за тоа.

11. И Тој им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, прави прељуба спрема неа.

12. И ако таа го напушти мажот и се омажи за друг, прави прељуба.

13. И Му донесуваа дечиња, за да ги допре, а учениците ги укоруваа.

14. А кога Исус го виде тоа, негодуваше и им рече: „Оставете ги дечињата да дојдат при Мене; не им бранете; зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!

15. Вистина ви велам, кој не го прима Божјото Царство како мало дете, нема да влезе во него.”

16. И ги прегрна и ги благослови, положувајќи ги рацете врз нив.

17. И кога излегуваше на пат, некој притрча, клекна пред Него и Го праша: „Добар Учителе, што да правам, за да наследам вечен живот?”

18. А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар! Никој не е добар освен Единиот Бог.

19. Ги знаеш заповедите: „Не убивај! Не прави прељуба! Не кради! Не сведочи лажно! Не измамувај! Почитувај ги татка си и мајка си!”

20. Но тој Му одговори: „Учителе, сето тоа го пазев од својата младост.”

21. А Исус го погледна, го возљуби и му рече: „Едно не ти достига: оди, продај сè што имаш, и дај им на сиромасите и ќе имаш сокровиште на небото! И дојди, земи го крстот и следи Ме!”

22. А тој се натажи од тој збор и си отиде жалејќи, зашто имаше многу имоти.

23. И Исус погледна наоколу и им рече на Своите ученици: „Колку тешко ќе влезат богатите во Божјото Царство!”

24. А учениците се зачудија од Неговите зборови. Но Исус пак проговори и им рече: „Чеда, колку е тешко да влезат во Божјото Царство, оние кои се надеваат на богатство!

25. Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјото Царство!”

26. А тие се зачудија уште повеќе, велејќи си еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси?”

27. Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бога не е; зашто за Бога сè е можно!”

28. Петар почна да Му зборува: „Гледај, ние оставивме сè и одиме по Тебе!”

29. Исус пак одговори и рече: „Вистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието,

30. а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - заедно со гонењата - а во идниот век: вечен живот.

31. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први.”

32. А кога беа на пат искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, и се чудеа; а оние кои одеа по Него се боеја. И пак ги собра Дванаесетмината и почна да им кажува што ќе Му се случи:

33. ”Ете, одиме горе во Ерусалим и Човечкиот Син ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на многубошците;

34. и ќе Го исмеат, ќе Го плукаат, ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дни ќе воскресне.”

35. И Му пристапија Јаков и Јован, Зеведеевите синови, и Му рекоа: „Учителе, сакаме да ни сториш, што ќе побараме од Тебе.”

36. Тој ги праша: „Што сакате да ви направам?”

37. Тие пак Му рекоа: „Дај ни да седнеме еден оддесно, а еден одлево, до Тебе во Твојата слава!”

38. А Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што Јас ја пијам или да се крстите со крштавањето со кое Јас се крштавам?”

39. Тие Му одговорија: „Можеме!” Но Исус им рече: „Ќе ја пиете чашата што Јас ја пијам и ќе бидете крстени со крштавањето со кое Јас се крштавам;

40. но да се седне оддесно или одлево до Мене, тоа не го давам Јас, а ќе им се даде на оние, за кои е приготвено.”

41. А Десетмината кога чуја, почнаа да негодуваат против Јакова и Јована.

42. Но Исус ги повика при Себе и им рече: „Знаете дека оние, кои се сметаат за владетели на народите - господарат над нив; и дека нивните големци имаат власт над нив.

43. Но меѓу вас не е така; а кој сака да биде голем меѓу вас нека ви биде слуга!

44. А кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга на сите,

45. зашто и Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!”

46. И дојдоа во Ерихон. А кога излегуваше од Ерихон, со Своите Ученици и со големо множество, Вартимеј, Тимеевиот син, слеп просјак, седеше покрај патот.

47. И штом чу дека тоа е Исус Назареецот, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!”

48. А мнозина му се закануваа да молчи, но тој викаше уште посилно: „Давидов сине, смилувај ми се!”

49. Исус застана и рече: „Повикајте го!” И го повикаа слепецот и му рекоа: „Не бој се! Стани, те вика!”

50. А тој ја фрли својата наметка, скокна и дојде при Исуса.

51. Исус пак проговори: „Што сакаш да ти сторам?” А слепецот Му одговори: „Учителе, да прогледам!”

52. Тогаш Исус му рече: „Оди си - твојата вера те спаси!” И веднаш прогледа и тргна по Него, по патот.