поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И им рече: „Вистина ви велам - има некои меѓу овие, кои стојат тука, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото Царство дојдено во сила.”

2. И по шест дни, Исус ги зеде Петра, Јакова и Јована и ги изведе само нив на една висока планина, насамо, и се преобрази пред нив;

3. и неговите облеки станаа блескави и многу бели, како што белител на земјата не може да ги избели.

4. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса.

5. А Петар проговори и Му рече на Исуса: „Рави! Учителе, добро е да сме тука; да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија.”

6. Имено, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени.

7. И дојде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: „Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го Него!”

8. И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа покрај себе, освен Исуса.

9. А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажуваат што видоа, додека Човечкиот Син не воскресне од мртвите.”

10. И тие го држеа цврсто тој збор, но меѓусебно расправаа: што значи - да се воскресне од мртви?

11. И Го прашаа: „Зошто книжниците велат дека првин Илија треба да дојде?”

12. А Тој им рече: „Илија ќе дојде првин, и ќе воспостави сè. А како е напишано за Човечкиот Син: дека треба многу да пострада и да биде презрен?

13. Но, Јас ви велам, дека Илија дојде, и постапија со него, како што сакаа, како што е напишано за него.”

14. И кога дојдоа при учениците, видоа многу големо множество околу нив и книжници, кои се препираа со нив.

15. И штом целото множество Го виде, се зачудија, и се стрчаа и Го поздравуваа.

16. И ги праша: „За што се препирате со нив?”

17. А еден од народот му одговори: „Учителе, Ти го доведов сина си, во кого е нем дух;

18. и кога го фаќа, го кутнува, а тој се пени, чкрта со забите и се здрвува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.”

19. А Тој одговори и рече: „О неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!”

20. И Му го доведоа. А штом духот го виде, веднаш го стресе и тој падна на земја, се тркалаше и се пенеше.

21. Тогаш го праша татка му: „Колку време има откако му се случува ова? А тој рече: „Од детството,

22. а често го фрла во оган и во вода - за да го погуби. Но, ако можеш нешто, смилувај ни се и помогни ни!”

23. Исус пак му рече: „Ако можеш нешто! Сè е можно на оној, кој верува!”

24. Таткото на детето веднаш извика и рече: „Верувам! Помогни му на моето неверие!”

25. А Исус штом виде дека придојдува народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: „Нем и глув душе, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!”

26. И извика, и го стресе силно детето и излезе. И беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело.

27. А Исус го фати за рака, го поткрена и тоа стана.

28. А кога дојде во една куќа, Неговите ученици Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?”

29. И им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.”

30. И кога замина оттаму, минуваа низ Галилеја, и не сакаше некој да научи за тоа;

31. имено, ги поучуваше Своите ученици и велеше: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат; и откако ќе Го убијат, Тој ќе воскресне на третиот ден.

32. Но тие не го разбраа тој збор, а се боеја да Го прашаат.”

33. И дојдоа во Капернаум, и кога беше во куќата, ги праша: „За што се расправавте патем?”

34. А тие молчеа, зашто патем се расправаа меѓусебно за тоа кој е поголем.

35. Тој пак седна, ги повика Дванаесетте и им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите!”

36. Тогаш зеде едно детенце, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:

37. ”Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној Кој Ме испратил.”

38. Јован Му рече: „Учителе, видовме еден - кој во Твое име - изгонуваше зли духови, а не оди по нас, и му забранивме, зашто не оди по нас.”

39. А Исус рече: „Не бранете му! Зашто нема никој, кој би правел чудо во Мое име и да може веднаш потоа да говори зло за Мене.

40. Зашто, кој не е против нас, тој е со нас.”

41. И кој ќе ве напои со чаша ладна вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда.

42. А кој соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, подобро ќе му биде да му обесат на вратот воденички камен и да биде фрлен во морето.

43. И ако твојата рака те соблазнува, отсечи ја. Подобро е да влезеш без рака во животот, отколку со двете раце да отидеш во пеколот, во неизгорлив оган,

44. каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува.

45. Ако твојата нога те соблазнува, отсечи ја! Подобро е за тебе да влезеш во животот хром, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот,

46. каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува.

47. И ако и твоето око те соблазнува, извади го! Подобро е за тебе да влезеш во Божјото Царство со едно око, отколку да бидеш со двете очи фрлен во пеколот,

48. каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува.

49. Зашто секој ќе биде посолен со оган, и секоја жртва ќе се осоли со сол.

50. Солта е добра, но ако солта стане несолена, со што ќе ја поправите? Имајте сол во себе и имајте мир помеѓу себе.”