поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Почеток на Евангелието за Исуса Христа, Божјиот Син.

2. Како што е пишано кај пророците: „Ете, Јас го испраќам Својот гласник пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат;

3. гласот на оној, кој вика во пустината: ‘Пригответе го патот на Господа, израмнете Му ги патеките’.”

4. Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.

5. И излегуваше при него целата Јудејска страна и сите ерусалимци; и тој ги крштаваше во реката Јордан, при што тие ги исповедуваа своите гревови.

6. А Јован беше облечен во облека од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед.

7. И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки.

8. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.”

9. И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан.

10. И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб.

11. И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!”

12. Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината.

13. И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа.

14. А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие.

15. И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!”

16. И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде Симона и Андреја, братот Симонов, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

17. И Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!”

18. И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

19. И кога одмина малку потаму ги виде: Јакова, Зеведеевиот син и брата му Јована - и нив во кораб - како ги крпат мрежите;

20. и веднаш ги повика и, оставајќи го татка си Зеведеја со наемниците во коработ, тргнаа по Него.

21. И дојдоа во Капернаум и веднаш во саботата, влезе во синагогата и поучуваше.

22. И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците.

23. Тогаш, во нивната синагога беше човек, опфатен од нечист дух, и извика

24. велејќи: „Ах! Што имаме ние со Тебе, Исусе Назарејче? Дали дојде да нè погубиш? Знам Кој си Ти: Божји Светец!”

25. И Исус му се закани: „Молкни и излези од него!”

26. И нечистиот дух го стресе, извика со висок глас и излезе од него.

27. И сите се зачудија, така што се прашуваа еден со друг, велејќи: „Што е ова? Нова наука - полна со сила! - Им заповеда и на нечистите духови и тие Му се покоруваат!”

28. И веднаш се разнесе глас за Него на сите страни, по целата галилејска околина.

29. И штом излезе од синагогата, дојде во куќата на Симона и Андреја, со Јакова и Јована.

30. А Симоновата тешта лежеше од треска, и веднаш Му рекоа за неа.

31. Тој и пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската ја остави, па им служеше.

32. А приквечер, по зајдисонце, Му ги доведоа сите болни и бесни

33. и целиот град се собра пред вратата.

34. И исцели мнозина, кои страдаа од разни болести: и истера многу бесови, и не им одобри на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.

35. А наутро, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.

36. А Симон и оние, кои беа со него, поитаа по Него,

37. и кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!”

38. И им одговори: „Да одиме: во соседните села, да проповедам и таму, зашто затоа и излегов.”

39. И дојде, проповедајќи - во нивните синагоги по цела Галилеја - и изгонувајќи ги бесовите.

40. И дојде при Него еден лепрозен, молејќи Го и коленичејќи, Му зборуваше: „ Ако сакаш, можеш да ме очистиш.”

41. И му се смили, ја протегна раката и го допре и му рече: „Сакам! Биди чист!”

42. И веднаш лепрата отиде од него и стана чист.

43. И предупредувајќи го строго, веднаш го отпушти

44. и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажеш! Туку оди, покажи му се на свештеникот, и принеси за своето очистување она, што заповедал Мојсеј - ним за сведоштво.”

45. А тој, штом си отиде, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, така што Исус не можеше веќе јавно да влезе во град; туку беше надвор, по пусти места; а доаѓаа кај Него од сите страни.